„Секој петок по една“- Лото добивка

101 КОЧАНСКА (НЕ)ЗГОДА…+1 се интересни хумуристични случки од Кочанско, напишани во  делото „Погреб со смеење“ на м-р Доне Донев.  Сите ликови и настани во (не)згодите се вистинити и се имаат случено. Интернет порталот Гласно.мк ги објавува во серијалот „Секој петок по една“ со дозвола на авторот.

Лото добивка

Пишува: Доне Донев

Меѓу Јоцо Фуло и еден фурнаџија

Во Кочани секој скоро си има свој прекар, а некои дури два, па и три. Таков случај беше со Јордан Т. Некои го викаа Јоцо Фуло, некои Јоцо Кенфушо, некои Јоцо Волчето.

Јоцо работеше во една фирма „Оризокомерц“ која се наоѓаше веднаш над автобуската станица над денешниот маркет „Тера нова“. На автобуската станица кај денешната меана имаше трафика на Лотарија на Македонија.


Тоа време (осумдесеттите години на минатиот век) лотото беше многу популарно. Во таа трафика продаваше синот на Јоцо Фуло.
Во попладневните часови кога Јоцо ќе завршел со работа, одел кај синот и му помагал, особено во понеделниците оти беше последен ден за уплата.


Една среда (во вторникот имаше директен пренос на ТВ), Јоцо отишол да го замени сина си, а пред трафиката застанало едно момче кое по својот изглед, чиниш, ниту на просјак не би ти заличело. Донел ливче со уплата и прашал да види дали има нешто добиено.


Тука морам да кажам оти тоа коло во Југославија, така излезе на ТВ екраните, кажаа оти имало само една седумка (којашто беше добитна и носеше многу пари). Му го покажало момчето ливчето на Јоцо и Јоцо видел оти „тука“ е седумката. Момчето коешто работеше како фурнаџија во населбата Сиви дом, а по потекло беше од Нивичани (некои велеа дека бил нововерец), го прашал Јоцо Фуло:

  • Чичко, има ли нешто на тав`а ливче?
  • Има, рекол Јоцо.
  • Има ли барем за еден точак?
  • Има и за повеќе, рекол Јоцо.
  • Е колку е тав`а повеќе?
  • Па како за едно старо фиќо (Јоцо имаше старо фиќо).
  • Е, па, бива ли да го заменеме со тај човек? Ја на него ливчето, он на мене фиќото.
  • Бива бе мајсторе, како не бива.

Излегол Јоцо од трафиката и се замениле. Јоцо го зел ливчето, а фурнаџијата си го зел фиќото и си заминал.
Утредента чекал Јоцо, чекал да се објават официјално резултатите, ама немало ништо од тоа.

Разбрал седумката оти била во Србија. Го фатила јанѕа. Се распрашал кој е човекот, што е, каде работи и од каде е. Дознал, го нашол и сакал да го отепа. Го прашал да му каже како го зафркнал оти инаку ќе го отепа. Овој му кажал оти од осумте колони седмата не ја пополнил кога уплаќал, а ја пополнил кога биле објавени резултатите.

Така излегло оти нему му се паднала седумката. А за волја на вистината, фурнаџијата го продал фиќото, па Јоцо останал со празни раце. И без фиќо и без пари./крај

Сите заинтересирани читатели што сакаат да се снабдат со книгата „Погреб со смеење“, може да се пријават во коментар или во порака на фејсбук страницата на интернет порталот Гласно.мк.

Адаптација: И.Матеничарски

Сподели: