101 КОЧАНСКА (НЕ)ЗГОДА…+1 се интересни хумуристични случки од Кочанско, напишани во делото „Погреб со смеење“ на м-р Доне Донев. Сите ликови и настани во (не)згодите се вистинити и се имаат случено. Интернет порталот Гласно.мк ги објавува во серијалот „Секој петок по една“ со дозвола на авторот.
Враќај парите
Меѓу Душан К. и син му Зоран К.
Пишува: Доне Донев
Душан К. беше народски човек. Се дружеше со секој и сите го сакаа. Понекогаш имаше обичај да седне во некоја кафеана и да се задржи до доцна навечер. Дури и до утринските часови.
Неговите најблиски ќе го чекале, чекале и ќе си легнеле. Се навикнале. Куќата им е на два спрата. Тие живееја на горниот кат (сè уште живеат сопругата и синот, а Душан е покоен, бог да му душа прости).
На долниот кат во една од собите неговиот помал син вежбал на гитара. Кога Душан влегол на влезната врата, од дворот Зоран го слушнал и престанал да вежба. Зоки секогаш го чекал и го уценувал оти ќе каже на мајка му што се враќа толку доцна.
Душан влегол дома и почнал да ги слекува чевлите. Само што почнал да се качува по скалите, Зоран викнал:
– Петровиќу! (Така го викаа некои оти личеше на еден југословенски актер Миодраг Петровиќ – Чкаља.)
– Кажи Зоки?!
– Сто динара!
Застанал Душан, извадил од џебот и му дал. Само што тргнал, Зоран повторно му викнал:
– Петровиќу, још сто! (Така до третиот пат.)
Кога Душан веќе бил качен, пред да влезе во спалната се изнервирал и му рекол на сина си:
– Враќај парите вамо, кажувај на мајка ти, да ти ибам врвците!/крај
Сите заинтересирани читатели што сакаат да се снабдат со книгата „Погреб со смеење“, може да се пријават во коментар или во порака на фејсбук страницата на интернет порталот Гласно.мк.
Адаптација: А. Арсов