„Секој петок по една“ – Мишо лаже!!!

101 КОЧАНСКА (НЕ)ЗГОДА…+1 се интересни хумуристични случки од Кочанско, напишани во  делото „Погреб со смеење“ на м-р Доне Донев.  Сите ликови и настани во (не)згодите се вистинити и се имаат случено. Интернет порталот „Гласно“ ги објавува во серијалот „Секој петок по една“ со дозвола на авторот.

Мишо лаже!!!

За Мишо Донкин и другарите му – ловци

Пишува: Доне Донев

Пред многу години имаше малку ловци (ловџии), а дивеч колку сакаш. Јас не сум ловец, но, чинам, сега работата е обратно. Има малку дивеч, а ловци многу. Но, да почнеме со приказната. Во градот многу познат по своите неволици во ловството беше учителот Мишо, кого во градот го знаеја како Мишо Донкин. Се договарала групата ловци која секогаш одела на лов за 11 октомври да одат и тогаш. Пред да дојде Мишо во кафеаната „Вардарче“ (се наоѓаше на местото кај денешен „Тинекс“), каде секогаш се собирале, ловците се договориле да тргнат порано, околу еден час, а Мишо оти секогаш бил загреан за лов, знаеле оти ќе дојде кога-тогаш. Биле над браната околу два километри оддалечени. Тргнале што тргнале (порано еден час од Мишо, како што се договориле) и кучињата од некоја грмушка избркале зајак. Еден од ловците веднаш го отепал. Чекале да му го покажат на Мишо да се нервира. Додека чекале, во далечината забележале, од блискиот рид, како се симнувал некој селанец од планинските села со два коња натоварени со дрва
(во тоа време пред педесетина и повеќе години дрвата се продаваа и на товари). Додека се симнувал селанецот, на некого му текнало да направат поголема шега, отколку да го изнервираат. Се договориле да му го дадат зајакот на селанецот, а овој кога ќе го сретне Мишо да му каже оти утринава само што ги товарел дрвата, го
видел зајакот и го отепал, а пушката секогаш си ја носел зашто се плашел од волци. Морало да се сретнат зашто друга патека немало. Со групата имало едно дете, коешто било трето одделение, син на некој од ловците. Извадиле едно ливче и му кажале на детето да напише еден збор и ливчето да го свитка и да го стави во устата на зајакот. Вака му рекле:

– Ќе те сретне таков и таков човек. Ќе те пита дека си тргнал. Ќе му кажеш оти одеш да ги продадеш дрвата, да купеш брашно, а после кај ќерка ти да й го однесеш зајако. Мишо се вика човеко. Ќе сака да ти го купе. Еве ти ги овие два динари (тогаш динарите беа изработени од алуминиум и беа бели), земи ги оти Мишо ќе сака да ти го купи за три динари и ќе мисли оти одиш да продаваш дрва и купуваш брашно, па нормално е да немаш пари. Он ќе сака за еден динар, па за два и на крајо ќе се сложе за три. Така ти ќе заработеш од ништо пет динари. Два од нас и три од Мишо.

Тргнал селанецот надолу кон браната и навистина пред самата угорница се сретнале со Мишо. И како што случката раскажува, разговорот се одвивал токму така. Мишо му велел оти немал три, туку два динари, а имал и пет, ама да даде пет динари му се многу (мислејќи оти селанецот немал ниту динар), па ќе му го земе за два динари. Селанецот му рекол да му даде Мишо пет, а тој ќе му врати два динари. Се думал, ама желбата голема и му дал пет динари, а селанецот му вратил два. Тргнал селанецот кон градот, а Мишо кон угорницта каде се собирале ловците. Само што селанецот се спуштил, Мишо испукал еден патрон и викнал на глас колку што
го држи:

– Eба мамето твое!!! Готов си!!!

Кучето од пукањето се разлајало. Тргнал Мишо, а во ранецот го ставил зајакот со нозете нанадвор. Стигнал до местото каде се чекале и веднаш ги прекорил оти не го чекале.

– Виа не ме чекате, ама видете шо ја направи сефтето!

Погледнале ловците и гледаат зајакот што му го дале на селанецот. Значи сè одело по планот. По минута-две некој од ловците рекол оти Мишо лажел и оти сигурно тој не го отепал, туку некој друг, а на Мишо му го дал (ако кажеле продал, ќе се откриела веднаш работата и ништо од шегата). Мишо им рекол да се обложат по три динари, сакајќи да си ги врати дадените. Некој го прашал:

– Мишо како ќе докажеш оти ти си го отепал?

– Ќе докажам, ама ајде да се кладеме!

Се кладеле, а Мишо им рекол да видат оти еден патрон нема во реденикот. Погледнале и пак му рекле оти лаже. Мишо почнал да ги навредува, велејќи дека не им се даваат три динари. Еден од ловците му рекол на Мишо да го симне ранецот и да го извади зајакот. Мишо го извадил зајакот, а сите ловци и детето се оддалечиле настрана два-три метри. Му рекле на детето да ги засука ракавите
до лактите и на Мишо да му покаже оти во рацете нема ништо. Мишо се чудел во што е работата и се согласил. Дошло детето до зајакот и до Мишо. Му рекле ловците на детето да ја отвори устата на зајакот и да ја пикне внатре. Мишо гледал и се чудел велејќи им дека одлепиле со паметот. Детето го извадило ливчето, видел и Мишо. Ловците му рекле на детето да прочита што пишува на ливчето, а потем да му го даде ливчето на Мишо. Детето, додека сите замолчеле, прочитало на глас:

– МИШО ЛАЖЕ!

Ловците гракнале во смеење, а Мишо ја напуштил групата и налутен сам отишол во лов./крај

Сите заинтересирани читатели што сакаат да се снабдат со книгата „Погреб со смеење“, може да се пријават во коментар или во порака на фејсбук страницата на интернет порталот „Гласно“.

Адаптација: А. Арсов

Сподели: