„Секој петок по една“ – На работна акција

101 КОЧАНСКА (НЕ)ЗГОДА…+1 се интересни хумуристични случки од Кочанско, напишани во  делото „Погреб со смеење“ на м-р Доне Донев.  Сите ликови и настани во (не)згодите се вистинити и се имаат случено. Интернет порталот Гласно.мк ги објавува во серијалот „Секој петок по една“ со дозвола на авторот.

НА РАБОТНА АКЦИЈА

пишува: Доне Донев

Меѓу Суад М. и мене (Доне Донев), на работна акција во Улцињ

 Во осудесеттите години (1979) на минатиот век бевме на работна доброволна младинска акција во Улцињ, Црна Гора. За работата ништо не ни плаќаа, нели рековме доброволна работна акција, но за сметка на тоа имаше организирано мошне богат младински живот. По работата ќе се измиевме, ќе ручавме, ќе се отспиевме дватри часа (на кој му се спиеше – другите можеа да отидат во град) и вечерта од 20–24 часот пеење, свирки, забаваааааа… Се враќавме во шаторите, си ги миевме нозете и забите и легнување. Со мене беше и Суад М. Беше средношколец. Уште од тоа време се гледаше оти од него ќе биде добро – не добро – одлично „свирче“. Подоцна и се покажа моето предвидување. Чинам го надмина и татко му во интелигенцијата и решавањето крстозбори. Едноставно речено човек – енциклопедија. Заврши факултет, се вдоми. Вистински домаќин. Ова го пишувам за оние што го познаваат површно да знаат за каков човек се работи.

Значи Улцињ 1979-та. Пред спиење јас како одговорен влегувам од шатор во шатор и проверувам дали се измиени нозете и забите. Мртва тишина, време пред спиење. Утре нè чека „ударен ден“. Доаѓам кај Суад, којшто е Турчин, го прашувам дали си ги измил нозете и забите, а тој да направи смеа, свесно рече: – Забите ги измих, а нозете не. Да ме виде мајка ми, ќе ме потурче. Другите кога слушнаа, гракнаа во смеење, и тоа никако не престана и покрај моите предупредувања./крај

Сите заинтересирани читатели што сакаат да ја купат книгата „Погреб со смеење“, може да се пријават во коментар или во порака на фејсбук страницата на интернет порталот Гласно.мк.

Адаптација: И.Матеничарски

Сподели: