101 КОЧАНСКА (НЕ)ЗГОДА…+1 се интересни хумуристични случки од Кочанско, напишани во делото „Погреб со смеење“ на м-р Доне Донев. Сите ликови и настани во (не)згодите се вистинити и се имаат случено. Интернет порталот „Гласно“ ги објавува во серијалот „Секој петок по една“ со дозвола на авторот.
Човекот со бела коса
Меѓу Ангеле Ајтовски и уредникот на МРТВ
Пишува: Доне Донев
Рековме оти Ангеле беше новинар од висок калибар. Известуваше од сите настани од Кочани, како за радио Скопје, така и за Македонската телевизија. Беше педантен. Секогаш испеглан и костумосан. Начитан и мошне пријатен соговорник. Бевме блиски пријатели.
Ми раскажуваше како секогаш кога ќе одел на снимање на седници на општинскиот комитет на СКМ (Сојуз на комунистите на Македонија), една личност кога ќе го видела него со снимателот Гочо веднаш станувала и почнувала да дискутира, за да можат да
ја снимаат и да ја дадат на ТВ. Тоа бил некојси Илија и попознат во градот како Чоко.
Го воочил тоа Ангеле и му кажал на Гочо да снимаат инсерти, а на крајот кога ќе дискутира кој било, него да го снимаат, а не Ило. Така и било. Не ја снимале личноста (Ило Чоко) што секогаш дискутирала, а го снимиле последниот дискутант.
Го испратиле материјалот по автобусот и чекале да им јават оти материјалот е прегледан и спремен за емитување.
Чекале повеќе од предвиденото време, па дури по два часа задоцнување, а не како вообичаено, им се јавил уредникот и му рекол на Ангелетa:
- Ангеле, овој материјал од Кочани ли е или од некое друго
место? - Од Кочани сто на сто. Во што е проблемот?
- Како бе од Кочани? Па го нема оној со белата коса.
- Еее, ние знаевме оти така ќе биде и ќе прашате, па решивме
овој пат да снимиме друг човек./крај
Сите заинтересирани читатели што сакаат да се снабдат со книгата „Погреб со смеење“, може да се пријават во коментар или во порака на фејсбук страницата на интернет порталот „Гласно“.
Адаптација: А. Арсов