„Секој петок по една“ – Не сум ја Ѕвонко

101 КОЧАНСКА (НЕ)ЗГОДА…+1 се интересни хумуристични случки од Кочанско, напишани во  делото „Погреб со смеење“ на м-р Доне Донев.  Сите ликови и настани во (не)згодите се вистинити и се имаат случено. Интернет порталот „Гласно“ ги објавува во серијалот „Секој петок по една“ со дозвола на авторот.

Не сум ја Ѕвонко

Меѓу близнаците Зоран и Ѕвонко

Пишува: Доне Донев

Погоре кажав оти за време на служењето на воениот рок во Сараево бев заедно со близнаците Зоран и Ѕвонко. Исто кажав оти биле многу големи работници. Велат ако некој работи толку многу, може и името да си го заборави. Пример, има израз: Остави ме на мир, јас не знам како се викам, а ти ме прашаш нешто без врска.


Е, ова им се има случено на близнаците во една од касарните на поранешната ЈНА (Југословенска народна армија). Имено тие растовараа храна. Беа тоа некогаш големи пакети од по педесетина килограми, а некогаш и повеќе. Денот за којшто пишувам решиле да поработат побрзо за да можат порано да излезат во град. Работата била напорна, па при крајот на истоварањето од брзина да го земе пакетот, на Ѕвонко му се струполиле врз нозете три–четири кутии со месен појадок. Знаеме само едно парче дека тежи од 200–300 грама, а замислете неколку кутии по педесетина килограми.
Зоран за тоа време бил оддалечен и Ѕвонко од болка крикнал, ама Зоран не го слушнал. Ѕвонко почнал да вика на глас:

-Ѕона, Ѕона, Ѕонаааа бееее!!! (Зоран си работел и не го слушал, поточно чул Ѕвонко, но мислел оти некој вика по брат му).

-Ѕонааааа бее, доаѓај брзо, отпасех се!!!
Зоран тогаш инстинктивно, како брат – близнак, дотрчал и му рекол:

-Шо се дереш бе, не сум ја Ѕвонко, ти си Ѕвонко!!!

-А бе, не е важно ја ли сам, ти ли си, туку дигај овиа кутиите оти веќе снемах сила.

Зоран ги подигнал кутиите и си заминале со камионот./крај

Сите заинтересирани читатели што сакаат да се снабдат со книгата „Погреб со смеење“, може да се пријават во коментар или во порака на фејсбук страницата на интернет порталот „Гласно“.

Адаптација: И. Матеничарски

Сподели: