„Секој петок по една“ – Параброд

101 КОЧАНСКА (НЕ)ЗГОДА…+1 се интересни хумуристични случки од Кочанско, напишани во  делото „Погреб со смеење“ на м-р Доне Донев.  Сите ликови и настани во (не)згодите се вистинити и се имаат случено. Интернет порталот „Гласно“ ги објавува во серијалот „Секој петок по една“ со дозвола на авторот.

Стојан Џамо на парабродот

Пишува: Доне Донев

Параброд

Тргнал Стојан Џамо на пат со неговите директори. Требало да одат на некој остров во Хрватска. Со колата нели не можеле, па тргнале со параброд. Уживале во пловењето што уживале и потпивнувале по малку. Стојан пиел само пиво затоа што требало како возач да ги вози по пристигнувањето. Некое време му се примочало и слегол долу каде што биле тоалетите. Влегол во едно од вецињата, се олеснил и кога излегол не можел да се снајде од каде слегол.

Имено, имало две скалила од едната и две од другата страна, па не знаел од каде слегол долу. Долу имало многу стока, од ситен до крупен добиток: јагниња, овци, телиња, крави, магариња. Кога ги видел Стојан Џамо магарињата, им се приближил и почнал да рика како магаре: „Ѕ’ррр, ѕ’ррр…“ На ова реагирале сите магариња,
па и магарињата на парабродот се разрикале. Ги имало стотина. Се вознемирил персоналот и веднаш се стрчал надолу. Го прашале што се сучило, а тој како ништо да не знаел, рекол оти бил во веце, па кога слушнал како рикаат, се исплашил и излегол. Нему всушност целта му била да види од каде ќе слезе персоналот за да знае да се врати повторно горе./крај

Сите заинтересирани читатели што сакаат да се снабдат со книгата „Погреб со смеење“, може да се пријават во коментар или во порака на фејсбук страницата на интернет порталот „Гласно“.

Адаптација: А. Арсов

Сподели: