101 КОЧАНСКА (НЕ)ЗГОДА…+1 се интересни хумуристични случки од Кочанско, напишани во делото „Погреб со смеење“ на м-р Доне Донев. Сите ликови и настани во (не)згодите се вистинити и се имаат случено. Интернет порталот Гласно.мк ги објавува во серијалот „Секој петок по една“ со дозвола на авторот.
Патување
Меѓу Стојан Џамо и Унчо.М
Пишува: Доне Донев
Стојан Џамо, рековме, беше возач во Фабриката за целулоза и хартија, или народот како што си ја викаше ФЦХ. Си го зел годишниот одмор и уживал во добрата капка во кафеаната во Стришани кај Сане Гацо. Било приквечерината.
Тогаш, задишан, дошол курирот од ФЦХ и му рекол на Стојан Џамо оти утре требало да патуваат за Белград со директорот и да почне да се спрема зашто вториот возач се разболел.
Стојан Џамо рекол оти никој жив не може да го натера да оди, па двајца директори ако сакаат нека му наредат – тој си е на одмор. Отишол курирот, но по половина час пак се вратил. Му рекол оти директорот Унчо ќе го избрка Стојана од работа ако не отиде утредента кај него и да го земе да одат за Белград. Се одржувал многу важен Саем на книгата и за хартијата, па ќе се договарале купопродажни договори.
Видел не видел Стојан, станал, отишол дома и почнал да се спрема. Љубинка, неговата сопруга, се зачудила и го прашала во што е работата, а тој й објаснил. Тука е многу важно да истакнеме дека Стојан Џамо и директорот Унчо не зборувале. Кој прв ќе прозборел, како што се договориле, требало да даде гајба пиво. Биле смртно скарани и налутени, ама по службена должност морало да патуваат заедно.
Утредента отишол Стојан кај директорот Унчо. Заѕвонил на вратата. Директорот бил спремен. Како немало да биде спремен, кога беше многу точен, принципиелен и педантен. Стојан ги зел торбите од директорот, ги ставил во колата и тргнале.
Патувале, патувале, се возеле, се возеле и никој ништо не зборувал. Нели погоре кажавме оти биле скарани. Кога пред да пристигнат во Предејане, во Србија, директорот му дал ишарет на Стојан да застанат.
По обичај овде појадувале секогаш. Стојан знаел и застанал. Појадувале што појадувале, му дал знак директорот на Стојан и тргнале за Белград. Пристигнале во Белград, се сместиле во хотелот и отишле на Саемот. Го разгледале. Директорот му дал ишарет на Стојан да замине. Стојан заминал, а директорот останал да склучува договори. Останале три дена и за тие три дена збор не прозбориле.
Тргнале назад за Кочани. За време на патувањето пак ништо не зборувале и пак застанале кај Предејане. Се вратиле во доцните вечерни часови. Му ги изнел Стојан куферите на директорот Унчо М. и заминал. Се вратил по неполна минута и заѕвонил на вратата. Директорот изнервиран излегол и го прашал што е работата, на што Стојан Џамо (Стојан малку пелтечеше кога зборуваше) му рекол:
-Директоре, за овиа три-четири дена шо си зборихме меѓу нас да си остане. На никој да не си кажал, молим те.
И си заминал./крај
Сите заинтересирани читатели што сакаат да се снабдат со книгата „Погреб со смеење“, може да се пријават во коментар или во порака на фејсбук страницата на интернет порталот Гласно.мк.
Адаптација: И.Матеничарски