„Секој петок по една“ – Па оти си Коле бегам

101 КОЧАНСКА (НЕ)ЗГОДА…+1 се интересни хумуристични случки од Кочанско, напишани во  делото „Погреб со смеење“ на м-р Доне Донев.  Сите ликови и настани во (не)згодите се вистинити и се имаат случено. Интернет порталот „Гласно“ ги објавува во серијалот „Секој петок по една“ со дозвола на авторот.

Меѓу академскиот сликар Коле. М и Атанас В.
(Е оваа не е кочанска (не)згода, оваа е плус едната)

Пишува: Доне Донев

Па оти си Коле бегам

Едно лето во деведесеттите години (на минатиот век) мојот драг пријател Разме К. од Струга како организатор на изложбата на Коле М. ме покани да кажам инсерт од мојата монодрама за гемиџииите пред отворањето на изложбата на мошне познатиот академски сликар. Изложбата би што би и отидовме во некоја кафеана надвор од Струга да вечераме. Вечеравме што вечеравме и почнавме евоцирања на спомени коишто беа сите проследени со црта на хумор. Коле М. ја раскажа следнава анегдота:

За времето на СФРЈ (Социјалистичка Федеративна Република Југославија) во Париз можело да се престојува по шест месеци на сметка на Југославија, со тоа што станот и ателјето биле платени, a храната и другите трошоци си ги плаќале сами. Од секоја република се менувале на шест месеци по еден уметник. Таа година (осудесеттите) редот му се паднал на Коле М. Исполнет со неизмерна среќа оти оди во Градот на Светлината, заминал веднаш штом ја добил поканата и одобрението за престој. Во Париз во почетокот се чувствувал осамено скоро месец дена.

Еден ден околу пладне излегол да се прошета по напорното работење во ателјето. И само што излегол, го видел познатиот македонски поет, критичар и есеист Атанас В. Премногу радосен оти по скоро месец и нешто гледа свој човек којшто бил на оддалеченост од педесетина метри, му викнал:

– Атанас, Атанаааас!!!

Атанас се свртел, го погледнал и почнал да оди што можел и не можел побрзо. Коле исто забрзал, ама Атанас се вовлекол во некој маркет. Коле трчал по него, а Атанас бегал ли бегал. И најпосле Атанас се стрчал кон метрото и почнал да бега натаму. Коле му свикал:

– Атанас, Атанас не се плаши, не бегај, јас сум Коле.

Се свртел Атанас и му рекол:

– А бе, баш оти си Коле бегам.

Сите заинтересирани читатели што сакаат да се снабдат со книгата „Погреб со смеење“, може да се пријават во коментар или во порака на фејсбук страницата на интернет порталот „Гласно“.

Адаптација: А. Арсов

Сподели: