„Секој петок по една“ – Попадика

101 КОЧАНСКА (НЕ)ЗГОДА…+1 се интересни хумуристични случки од Кочанско, напишани во  делото „Погреб со смеење“ на м-р Доне Донев.  Сите ликови и настани во (не)згодите се вистинити и се имаат случено. Интернет порталот Гласно.мк ги објавува во серијалот „Секој петок по една“ со дозвола на авторот.

ПОПАДИКА

 Дедо (поп) Миладин и некој кум

пишува Доне Донев

Поп Миладин Михаилов, или како што народот го вика дедо Миладин, го знам откако знам за себе.

Кога сум одел на црква, сум го гледал како еден од најсериозните и најпредадените на Христовата вера. Народски човек. Секого што познава, прв го поздравува. Работлив. Семеен човек. Длабоко верен во христијанската религија, впрочем како и секој христијански свештеник. Народот би рекол: човек на место. Јас би рекол: човек ипол.

Почитуван скоро од цела Кочанска околија. Сум го гледал и слушал на литургии како држи богослужба во сослужение со други свештеници. Се случувало некои од свештениците да се збунат или да заборават да продолжат, а тој ќе подвикне, на пр. „Прокимен“ (и ќе каже каде згрешиле или заборавиле).

Една случка доволно зборува за тоа и колку бил интелигентен (и сè уште е).

Било летно време и се осветувала новоизградена куќа. Дедо Миладин ја осветил куќата и по завршувањето на осветата седнале домаќините и гостите да ручаат.

Се разбира дедо Миладин бил на челото на масата, лево од него домаќинот и домаќинката, а десно кумот. Завршила молитвата за ручекот и почнале да потпивнуваат и да се мезат. Ручале што ручале и продолжиле да пијат.

Дедо Миладин сè уште си ја чувал првата чаша недопиена, а кумот ја пиел не знам која чаша.

Во едно такво расположение, му рекол на дедо Миладин: – Дедо Миладине, знаеш ли колку сакам да спијам со попадика?

На ова дедо Миладин прокоментирал: – Доведи ја кај мене жена ти да преспие една вечер со мене, па после цел живот ќе спиеш со попадика./крај

Сите заинтересирани читатели што сакаат да ја купат книгата „Погреб со смеење“, може да се пријават во коментар или во порака на фејсбук страницата на интернет порталот Гласно.мк.

Адаптација: И.Матеничарски

Сподели: