„Секој петок по една“ – Препишување

101 КОЧАНСКА (НЕ)ЗГОДА…+1 се интересни хумуристични случки од Кочанско, напишани во  делото „Погреб со смеење“ на м-р Доне Донев.  Сите ликови и настани во (не)згодите се вистинити и се имаат случено. Интернет порталот „Гласно“ ги објавува во серијалот „Секој петок по една“ со дозвола на авторот.

Препишување

Меѓу професорот Димитар Р. и мене

Пишува: Доне Донев

Уште од мал ја сакав историјата (особено на македонскиот народ), па се навраќав често на методските единици што сме ги учеле постојано и постојано. Еден ден требаше да правиме тестирање по предметот Историја којшто ни го предаваше професорот Димитар Р. Чинам од него уште повеќе ја засакав историјата. Тој беше лав од човек. Илустративно предаваше. Гласно, јасно, да ти е милина да седиш и слушаш. И да не знаеш, ќе научиш. Кој ден беше не се сеќавам, но тестирањето почна. Професорот имаше навика или обичај да внимава кој препишува и потем тоа гласно го коментираше пред сите, сè со цел да го засрами препишувачот. Сетне, започна тестирањето, а јас ги знаев прашањата и ги одговорив брзо. Потем почнав како да бркам под клупата и божем да барам ливчиња да препишувам. Имав некое ливче празно и де ќе го извадев, де ќе го вратев во клупата. Одненадеж дојде професорот одзади и ме тресна по главата. Почна да ми вика:

– А, препишуваш, препишуваш. Дај го ваму ливчето!

Јас сакав да му кажам оти не е вистина, туку само се преправам како да препишувам, а тој ми рече уста да не сум отворил и почна да ми удира шлаканици. Без да го отвори ливчето (коешто беше празно), отиде и во дневникот ми напиша единица. Заврши што заврши часот, јас отидов во канцеларијата да барам одговор зошто ми го направи тоа. Во канцеларијата беа скоро сите професори, како и директорот Стојан С. Му реков на директорот оти професорот џабе ме тепал и напишал единица кога јас не сум препишувал, а тој ми рече да молчам. Потем му рече на професорот Тодор Ѓ.:

– Toшо, види во дневникот на II-3 во средината има ли ливче.

Професорот Тодор Ѓ. го отвори и рече оти имало, а професорот Димитар Р. почна да ме мава со стапчето (што секој ден си го носеше) каде ќе стигнеше. Во тоа време се тепаа учениците. Јас му реков на професорот Тодор Ѓ. да го отвори ливчето и да прочита што

пишува внатре. Настана мртва тишина. Сите професори чекаа да
слушнат. Внатре на ливчето пишуваше:

Професоре, не сум препишувал. Ве зафркнав! 1 : 0 за мене!

После ова професорот почна пак да ме тепа, а другите професори викаа:

– Бегај Доне, бегај, ќе те отепа.

Јас успеав некако да побегнам и да се вратам во училницата. По два-три дена повторно имавме Историја и само што влезе професорот, веднаш мене ми се обрати:

Ќе те прашам последниот час, последните пет минути и ако само ми избегаш, ќе ти ставам единица и нема да ти ја поправам. Ако не знаеш, пак ќе ти ставам единица и ќе одиш на поправен.

Мислев, мислев и до крајот на учебната година ми текна каде е спасот.

Купив нов учебник по предметот Историја. Професорот почна да испрашува. Тој не нè прозиваше по име и презиме, туку по бројот во дневикот којшто го знаеше напамет за секој ученик посебно. Jас на учебикот на насловната корица имав напишано со големи букви, да се читаат од авион: ЛИЧНА СВОИНА НА ДОНЕ ДОНЕВ – НОМЕР 14. Го ставив на клупата да се гледа корицата на која го пишуваше бројот. Професорот го користеше изразот номер наместо број, но тоа не и толку важно. При крајот на часот, навистина пет минути пред да ѕвони, професорот рече:

– Номер 14 да зборува за КПЈ меѓу двете светски војни.

Јас си седев и молчев како да не го слушам. Професорот повтори и рече оти има уште 4 минути. И така стигна до минута (а за цело време одеше низ училницата и гледаше во подот). При крајот на часот од последната клупа, до прозорецот му се јави Миле Ѓ. и му рече:

– Професоре, стојам веќе пет минути и не ме прашате ништо.

Се сврте кон мене и ме праша кој број сум, а јас му реков оти сум 10-ти број. Беше фер, многу фер. Дојде кај мене, ми ја стисна раката и рече:

За досетливоста ќе ти ставам четворка, оти не може единица па петка.

Во ред професоре – му реков. Сега е 2 : 0, при што и професорот и ние – учениците слатко се изнасмеавме и само што ѕвонеше./крај

Сите заинтересирани читатели што сакаат да се снабдат со книгата „Погреб со смеење“, може да се пријават во коментар или во порака на фејсбук страницата на интернет порталот „Гласно“.

Адаптација: А. Арсов

Сподели: