„Секој петок по една“ – Рецитирање

101 КОЧАНСКА (НЕ)ЗГОДА…+1 се интересни хумуристични случки од Кочанско, напишани во  делото „Погреб со смеење“ на м-р Доне Донев.  Сите ликови и настани во (не)згодите се вистинити и се имаат случено. Интернет порталот „Гласно“ ги објавува во серијалот „Секој петок по една“ со дозвола на авторот.

РЕЦТИРАЊЕ

Меѓу Гоше А., Благојчо С. и Душан К.

Пишува: Доне Донев

На часот по македонски јазик и литература, каде што Душан предаваше во една паралелка, учеле заедно Гоше А.(во градот познат како Балако) и Благојчо С. (во градот познат како Џиџи).

Гоше седел во третата клупа, а Џиџи во четвртата веднаш позади него. И двајцата малку ги мрзело да читаат книги, па затоа имале послаби оценки.

Гошевиот татко многу добро живеел со професорот Душан К. и една вечер седнале во некоја кафеана и се запиле. Душан К. му кажал на татко му на Гоше да ја научи напамет песната „Тешкото“ од Блаже Конески, а овој ќе му стави повисока оценка. Арно ама, кога си отишол дома, татко му на Гоше заборавил да му каже.

Утредента професорот влегол во училницата и почнал да испрашува. Кога дошол редот на Гоше, му рекол да ја каже песната „Тешкото“, а Гоше бил изненаден. Било при крајот на часот. Сакал да се правда нешто, а професорот бил упорен. Во последен момент на Џиџи му текнало и му шепнал: „Гошка, ти само отварај ја устата, а ја ќе рецитирам, ќе читам позади тебе.“ Џиџи почнал да чита, а Гоше само ја отворал устата божем рецитира.

Учениците почнале да се смеат, а професорот којшто гледал низ прозорецот (секогаш кога имале рецитали бил потпрен на штицата на прозорецот и уживал гледајќи нанадвор) нервозно рекол да престанат и да слушаат. Во еден момент Гоше не слушнал и механички гласно му рекол на Џиџи да повтори: „Џиџи погласно, ништо не те слушам.“

На ова професорот рекол:

  • Гоше, ова го нема во песната, како гласно, каков Џиџи!

Тогаш сите гракнале во смеа, а часот завршил./крај

Сите заинтересирани читатели што сакаат да се снабдат со книгата „Погреб со смеење“, може да се пријават во коментар или во порака на фејсбук страницата на интернет порталот „Гласно“.

Адаптација: А. Арсов

Сподели: