„Секој петок по една“ – Салата

101 КОЧАНСКА (НЕ)ЗГОДА…+1 се интересни хумуристични случки од Кочанско, напишани во  делото „Погреб со смеење“ на м-р Доне Донев.  Сите ликови и настани во (не)згодите се вистинити и се имаат случено. Интернет порталот „Гласно“ ги објавува во серијалот „Секој петок по една“ со дозвола на авторот.

Салата

Меѓу мене (Доне Донев) и Венчеслав Јордановски

Пишува: Доне Донев


Со Венчеслав Јордановски (адвокат) се знаеме од детството. Кога живеев во неговото маало, многу се дружевме и прикажувавме.

За тие што не го знаат Венчеслав, треба да кажам оти е универзален уметник. Венчеслав знае да пее поубаво и од некои „професионалци“, знае да имитира, пишува поезија (дури една негова песна влезе и во учебник за основното образование), кажува вицови во секое време, планинари… и што ли уште не и што ли уште не во позитивната смисла на зборот. Мислам сите правници имаат дарба за некоја уметност, ама тоа што го поседува Венчеслав ретко кој го има во себе. Човекот е нешто слично на Марфи. Неговите констатации и забелешки за која било работа кога ќе ги слушнам како да се препознавам, само што јас не сум можел да ги дефинирам, а сум ги осознавал.

Еден пазарен ден (четврток) се сретнавме на мостот. Беше есенски четврток. Вака–така, стигнавме до тоа кој што ќе купува. Нормално беше да се купуваат продукти за зимница. Јас му реков оти скоро сè сме направиле, само ни останала салатата таканаречена „медицинска“. На ова тој ме праша каква е таа салата и како се прави. Му кажав оти е многу лесно. Со везени лути пиперки, моркови, магдонос, лук… и му реков дека се става и аспирин, па затоа и се вика медицинска. По моето „рецептирање“, Венчеслав коментираше:

-Доњо (така ме вика тој, или некогаш ми вика Донхи), ти оти жена ти е доктор правеш медицинска, е па ја шо треба да купам да направам адвокатска?!

Се изнасмеавме и се поздравивме./крај

Сите заинтересирани читатели што сакаат да се снабдат со книгата „Погреб со смеење“, може да се пријават во коментар или во порака на фејсбук страницата на интернет порталот „Гласно“.

Адаптација: И. Матеничарски

Сподели: