„Секој петок по една“ – Скеле

101 КОЧАНСКА (НЕ)ЗГОДА…+1 се интересни хумуристични случки од Кочанско, напишани во  делото „Погреб со смеење“ на м-р Доне Донев.  Сите ликови и настани во (не)згодите се вистинити и се имаат случено. Интернет порталот „Гласно“ ги објавува во серијалот „Секој петок по една“ со дозвола на авторот.

Скеле

Меѓу мене и некои колеги од УЦСО „Љупчо Сантов“

Пишува: Доне Донев

Во 1996 година во училиштето имаше драмска секција. Со секцијата раководев јас. Ја спремавме драмата „Сон и по него“ од Коле Чашуле. Всушност тоа беа две драмски сцени кои јас ги преточив во целокупна драма без пауза. Да не ја објаснувам содржината оти тоа не е толку важно. Сакам да кажам дека драмата учениците ја изведуваа меѓу скалите и влезот во училиштето. Поточно кажано, во празниот простор што остануваше меѓу скалите. Јас имав нарачано штици кои ги заковавме од едниот крај на скалите до самиот ѕид од плоштатката. Што би се рекло на косина. Штиците за волја на вистината малку беа издолжени (едно 10–15 сантиметри), но тоа не пречеше на качувањето и слегувањето на учениците и професорите. Арно ама (секогаш во некои нешта мора да има „арно ама“) бидејќи работев волонтерски, мислам оти ги иритирав некои од професорите. Тоа мое ненаплаќање на работата ужасно им пречеше, па сакаа на кој било начин да ме девалвирааат.

Во тоа време директор беше Јован П. Еден по еден (некаде петмина) слегувале кај директорот и еден му велел: „Директоре, Доне сам ли си ги купи штиците или училиштето?“ Друг, пак, прашал кога ќе биде моето бесење. Трет прашал сам ли ќе сум си ја купувал ортомата или училиштето треба да ми купи. Четврти рекол само да е подебела, да не се скине, па работата ќе била јалова. И сè така по ред од девалвација до девалвација. Тука сакам јавно да истакнам оти
сите штици ги донираше АТОМ – Кочани, благодарение тогаш на еден, нема да претерам ако кажам од најдобрите (по мое видување најдобар и најспособен) директори во тоа време, господинот Тодосија Паунов. Кога ги слушнав сите коментари кои веќе почнаа да стануваат сè погласни и погласни, отидов кај директорот Теодосија, го замолив да пушти работник и да го исече вишокот од штиците, односно да го отстрани делот од скалите. Речено – сторено. Дојде човекот и за час, час и половина ја заврши работата.

Тој ден кај директорот имаше делегација од Министерството за образование, од БРО (Бирото за развој на образованието), како и подрачни претставници од истите од Кочани. Беа кај директорот на кафе пауза. Гласно се смееја. Тропнав на вратата, се извинив и го замолив директорот да излезе за една минута.

– Во што е работата? – ме праша. Другите замолчеа.

– Во врска со драмата, односно сценографијата директоре, реков. Може ќ ли да излезете за една минута?

– Ако е за драмата, кажи тука, пред гостите.

– Ама директоре, не е згодно, непријатно ми е да кажам пред гостите.

– Ајде кажи, кажи, рекоа повеќето.

– Ама навистина е непријатно, ама е вистинито.

– Еее, тогаш кажи, рекоа сите.

– Па, вака директоре, му реков, а сите слушаа (имаше седум–осум души). Штиците од скелето се исечени. Па колегите нема дека да се бесат, па можат само на КУ.ОТ да ми се обесат.

Излегов и веднаш се вратив, а молкот беше, чинам како експлозија. Им ја раскажав целата случка со девалвирањето и повторно си излегов. По една-две недели ме сретна библиотекарот. Името намерно не му го спомнувам. Мислам ако е жив и здрав, ќе се препознае. Ме сретна и со најгрди зборови почна да ми вика:

– Ѓубре скапано. Ти си идиот, кретен. Брат ти и сестра ти злато луѓе, а ти будала. Па ниа на зафрканции му викавме на Јове, а ти шо сè не си истрескал. Ненормален еден.

– Па и јас на зафрканции бе будало – му вратив со иста мерка. Ако било навистина така, КУ.ОТ треба да ми е два-метри долг и најмалку педесет сантиметри дебел за да можете да ми се обесите.

Го оставив подзинат и веднаш заминав, плашејќи се да не проба да ми се обеси./крај

Сите заинтересирани читатели што сакаат да се снабдат со книгата „Погреб со смеење“, може да се пријават во коментар или во порака на фејсбук страницата на интернет порталот „Гласно“.

Адаптација: А. Арсов

Сподели: