„Секој петок по една“ –  Стрвност

101 КОЧАНСКА (НЕ)ЗГОДА…+1 се интересни хумуристични случки од Кочанско, напишани во  делото „Погреб со смеење“ на м-р Доне Донев.  Сите ликови и настани во (не)згодите се вистинити и се имаат случено. Интернет порталот „Гласно“ ги објавува во серијалот „Секој петок по една“ со дозвола на авторот.

Стрвност

Меѓу мене и Драги Цветанов

Пишува: Доне Донев

Со Драги Цветанов се знам скоро триесетина, а може и повеќе години. Еден е од ретките кој заедно со Вршката – постариот (Иванчо Стоилов) и Џо (Драги Спирковски) кои најмногу ми помагаа околу изградбата на куќата. Јас пред петнаесетина години имав зголемен билирубин и докторите ми рекоа да не јадам луто, кисело и солено за да може да се стабилизира состојбата. Драги Цветанов (ми рече да не му го кажувам прекарот, ама јас ќе кажам оти е поврзан со едно кочанско јадење – е сега дали е пилав, сутлијаш или лапа не е важно) почна да се дебелее, а во меѓувреме беше добил хемороиди. И нему докторите му го рекле истото во врска со јадењето и терапијата. Се сретнавме и му кажав за препораката на докторите, а тој жив сериозен (не мртов ладен) ми рече:

– Па Доне, знаеш ја и ти какви сме. Стрвни газишта!

На ова јас му одговорив:

– Даце (така го викам), ти за тебе можеш да си кажеш оти си стрвно газиште, а за мене не донесувај заеднички заклучок. Ти ако си стрвно газиште, јас не сум. Јас сум стрвно КУ.ИШТЕ./крај

Сите заинтересирани читатели што сакаат да се снабдат со книгата „Погреб со смеење“, може да се пријават во коментар или во порака на фејсбук страницата на интернет порталот „Гласно“.

Адаптација: А. Арсов

Сподели: