101 КОЧАНСКА (НЕ)ЗГОДА…+1 се интересни хумуристични случки од Кочанско, напишани во делото „Погреб со смеење“ на м-р Доне Донев. Сите ликови и настани во (не)згодите се вистинити и се имаат случено. Интернет порталот „Гласно“ ги објавува во серијалот „Секој петок по една“ со дозвола на авторот.
Тетратки
Меѓу Драган П. и стражарот на ФЦХ
Пишува: Доне Донев
Драган П. беше од Соколарци, населен во Кочани. Работеше во Фабриката за целулоза и хартија. На прекар го викаа Жилачки. Негов зет за сестра беше Благој Н. којшто беше возач во Медицински центар. Секоја година зетот и шурата правеле ракија и вино. Секоја година Благој му давал на Драган и вино и ракија, а Драган никогаш. Еден ден Благој се договорил со стражарот (со којшто биле многу блиски другари) да го претресе Драгана кога ќе му каже Благој. Тој ден Драган правел ракија и вино и, како по обичај, не однел ни капка на шурата. Кога дошол Драган кај Благој, разговарале, и Благој го замолил Драгана да му донесе две тетратки за децата да можат да пишуваат. Од почетокот Драган се противел и
му рекол оти се плашел, ама Благој успеал да го убеди со тоа што му рекол дека тетратките ќе ги стави под мишките и никој нема да го забележи. Драган се согласил. Се јавил Благој на стражарот. Му кажал за намерата. Се договориле ако Драган даде по два литра вино и ракија, да не го пријавува, во спротивно ќе го пријави кај службите и ќе го избркаат од работа.
Било втора смена. Завршувале во 22 часот. Драган, како и сите, излегувал, а стражарот гледал низ прозорецот. Кога стражарот го видел Драгана како се приближува кон стражарницата, се качил на столот и ја одвртел светилката.
Дошол Драган и стражарот, за да не биде очивадно откривањето на кражбата, му рекол ако сака да ја заврти светилката да свети, зашто имало мал спој, па не може да свети, а него го болело половината. Драган се противел оти се брза, ама видел не видел, се качил на столот и, стискајќи ги тетратките, се обидел да ја заврти светилката, арно ама една од тетратките му паднала од под мишката и стражарот ја видел. Му се развикал на Драгана и му рекол ако добро не живеел со зет му, веднаш ќе го пријавел. Му ѕвонеле на Благој и Благој со фиќото веднаш долетал. Впрочем Благој чекал на паркингот. Стражарот му кажал на Благој за случката, а Благој рекол оти самиот е виновен, зашто тој го натерал. Стражарот рекол оти ништо не го интересира. Благој предложил да отидат до Драгана и да му донесат на стражарот по еден литар вино и литар ракија. На ова стражарот се спротивставил и рекол:
– Ја за едно кило не се продавам – ако донасаш, донеси по две кила ракија и по две кила вино и тоа одма, ако не – ќе те пријавам оше сега на милицијата.
Се качиле Драган и Благој во фиќото, ги донеле ракијата и виното и заминале.
Потем Благој повторно дошол во стражарницата и со стражарот си поделиле по едно шише вино и едно шише ракија за секого./крај
Сите заинтересирани читатели што сакаат да се снабдат со книгата „Погреб со смеење“, може да се пријават во коментар или во порака на фејсбук страницата на интернет порталот „Гласно“.
Адаптација: А. Арсов