„Секој петок по една“ – Ти од тука излезе

101 КОЧАНСКА (НЕ)ЗГОДА…+1 се интересни хумуристични случки од Кочанско, напишани во  делото „Погреб со смеење“ на м-р Доне Донев.  Сите ликови и настани во (не)згодите се вистинити и се имаат случено. Интернет порталот „Гласно“ ги објавува во серијалот „Секој петок по една“ со дозвола на авторот.

Ти од тука излезе

Меѓу Сокол (чистачот на фекални јами) и мајка му

Пишува: Доне Донев

Пред многу, многу години (да не кажам пред половина век) во Кочани немаше доволно градски улици со изградена инфраструктура. Имено, повеќето немаа канализациона мрежа, а имаше и улици со коцки наместо со асфалт. Оние куќи што немаа канализација мораа да ја викаат службата за чистење. Тоа беа специјализирани цистерни со кои се црпеа фекалиите. Ама тие што немаа доволно пари, го викаа Сокол да им ги чисти колку за една ракија, зашто беше мераклија на добрата голтка. Ова како вовед кој беше Сокол.

Сокол заминал во војска, морнарица (во Задар). Се служело и три години, во зависност од струката, односно професијата. Сокол, нормално оти немал училиште завршено, му одредиле три години. Го пуштиле да се врати дома дури по две години. Кога дошол во Кочани, не отишол право дома, туку, нормално, во кафеана. Мошне добро се напил и останал до доцна вечерта. Кога си дошол дома, сите спиеле, само мајка му не спиела. Го чекала. Тој само што влегол со морнарската униформа, веднаш се фрлил на подот да спие.

Имено, биле големо семејство, па едни спиеле на креветите, а други на земјата која била покриена со парталави черги. Во една соба сите. Тоа и не е толку важно, важно е што Сокол легнал на земјата веднаш до мајка му. По само кратко време, му текнало за „онаа“ работа оти не ја правел две години и бидејќи бил мртов пијан, мислејќи оти е до жена му, почнал да ја допира мајка му и да ја фаќа за гаќите. Таа изнервирана му рекла:

– А бе, абдал, не фаќај тука! Од тука ти излезе, оди на другиот крај – таму е жена ти.

Сокол само се свртел на другата страна и
заспал./крај

Сите заинтересирани читатели што сакаат да се снабдат со книгата „Погреб со смеење“, може да се пријават во коментар или во порака на фејсбук страницата на интернет порталот „Гласно“.

Адаптација: А. Арсов

Сподели: