Со објавување на рецензијата на книгата „Погреб со смеење“ од рецензентот Јане Атанасов завршува серијалот „Секој петок по една“, приказни од книгата на авторот м-р Доне Донев.
Траги во книга од трагите во времето
(Кон книгата „Погреб со смеење – 101 кочанска (не)згода…плус една“ од Доне Донев)
Рецензент: Јане Атанасов
Секое поголемо населено место има луѓе кои оставаат траги во неговото постоење, во одреден временски период, во кој битисувале. Тука не мислам на културните творци (сликари, музичари, литерати, актери…), чии дела, во зависност од квалитетот, „живеат“ подолго од своите автори.
Зборот ми е за обичните смртници, кои секојдневно ги изведуваат своите претстави на отворената сцена на животот. И не бараат никаков надомест за тоа, не бараат привилегии, не бараат да им се изградат споменици… Доволно им е што со своите „штосови“ ги развеселуваат своите пријатели (па и оние што не им се баш пријатели!), што ја разбиваат тежината на животот или монотонијата на здодевноста. За кого – како. Таквите луѓе се посакувано друштво за време на својот живот и честа тема на разговор на идните поколенија. Но, со текот на времето, нивните ликови и нивните досетки избледуваат, се забораваат.
Убаво е кога ќе се најде некој нивни современик или следбеник кој ќе ги прибере нивните досетки, шеги и мали драмски претстави и ќе им ги претстави на жителите на местото во кое живееле нивните создатели. Во таква улога во Кочани, за прв пат, се појавува Доне Донев. Професорот, човекот што прави монодрами и разни марифетлуци, поетот, литературниот критичар, или едноставно – Доне. Тој се зафаќа со Сизифовска работа „да го истурка“ на површина првото „сочинение“ од (не)згоди, како што тој ги нарекува разните досетки, шеги и друг вид „штосови“ на повеќемина кочанчани, меѓу кои се вбројува и самиот.
Овој пионерски потфат е за пофалба и секаков респект. Изречените мудрости и одиграните „претстави“ звучат убаво усно пренесувани и прераскажувани, ама при таквото нивно пренесување некој нивни дел може да „се откине“ или деформира, а можно е и целосно губење. Истите, стуткани меѓу кориците на една книга, добиваат нова димензија, фрлаат поинаква светлина, звучат со трајност!
Го поздравувам овој гест на Доне Донев и предвидувам дека неговата книга ќе доживее многу, дополнети и проширени, изданија.
Во Кочани, март 2018 година
Јане Атанасов
Сите заинтересирани читатели што сакаат да се снабдат со книгата „Погреб со смеење“, може да се пријават во коментар или во порака на фејсбук страницата на интернет порталот „Гласно“.
Адаптација: И. Матеничарски