„Секој петок по една“ – Три кубика дрва

101 КОЧАНСКА (НЕ)ЗГОДА…+1 се интересни хумуристични случки од Кочанско, напишани во  делото „Погреб со смеење“ на м-р Доне Донев.  Сите ликови и настани во (не)згодите се вистинити и се имаат случено. Интернет порталот „Гласно“ ги објавува во серијалот „Секој петок по една“ со дозвола на авторот.

Три кубика дрва

Меѓу Стево А. и Влатко Д.

Пишува: Доне Донев

Стево А., во градот попознат како Дандара, беше еден од најдобрите фудбалери на ФК „Осогово“ на сите времиња. Играше во нападот и богами постигнуваше голови. Особено со глава. Толку високо скокаше што чинам како да беше дупло повисок од соиграчите. Неговиот тренер во почетокот на кариерата, Никола Божиќ, велеше оти таков талент ретко се наоѓа. На теренот согоруваше. Лично сум бил сведок кога „Осогово“ ќе изгубеше натпревар овој да плачеше како мало дете. Клубот го сакаше како свој.

Голманот на „Осогово“, Влатко Д., кај народот попознат како Цигето, исто како Стево беше не добар, туку супер добар голман. Покрај Балдазаров и Абазов, Цигето ќе остане запишан во историјата на кочанскиот фудбал како голман којшто го дал најдоброто за ФК „Осогово“. Неговите бравурозни одбрани сè уште ги паметат кочанчани. Постарите го споредуваа со Лав Јашин. Просто леташе од едната на другата страна на голот. За пенали да не зборуваме.
Ги „читаше“ сите противнички играчи и им ги одбрануваше секогаш ударите од 11 метри.


Требало да се игра значаен натпревар. Ако „Осогово“ победело, ќе биле прваци и ќе добиеле големи премии, а ако изгубело, немало премии и немало да бидат прваци. Секој од фудбалерите додека се пресоблекувале коментирал што ќе си купи со парите.
Некој костум, некој печка, некој телевизор во боја (дотогаш имаше црно-бели ТВ) некој… Цигето рекол: „Ако победеме, ја ќе си купам три кубика дрва и фрижидер…“ Почнал натпреварот, ама на „Осогово“ не му одело „од нога“ (тука не можеме да кажеме „не му одело од рака“), па полека, полека натпреварот како да го презеле противничките играчи. Резиме: „Осогово“ изгубило со 3 : 2. Сите биле разочарани. Во соблекувалната никој не зборувал.
Кај тушевите се слушала само водата.

Во еден момент Дандарата извикал:

-A бе Циге, шо ќе купеше ако победееме?

-Ај не ме нервирај, нели кажах, три кубика дрва и фрижидер,
рекол Цигето.

-Е, на, дојди, земи ги овиа три кубика (покажал меѓу нозете). Мајмун некој, од тебе изгубиме, сега на сите да им купеш шо им требе./крај

Сите заинтересирани читатели што сакаат да се снабдат со книгата „Погреб со смеење“, може да се пријават во коментар или во порака на фејсбук страницата на интернет порталот „Гласно“.

Адаптација: И. Матеничарски

Сподели: