„Секој петок по една“ – Ѕвонење

101 КОЧАНСКА (НЕ)ЗГОДА…+1 се интересни хумуристични случки од Кочанско, напишани во  делото „Погреб со смеење“ на м-р Доне Донев.  Сите ликови и настани во (не)згодите се вистинити и се имаат случено. Интернет порталот Гласно.мк ги објавува во серијалот „Секој петок по една“ со дозвола на авторот.

Ѕвонење

Меѓу актерите – аматери и професорот Ристо. Ј

Пишува: Доне Донев

Професорот Ристо Ј. беше човек со висока интелигенција. Познавач на литературата од секаков вид, солиден познавач на ликовната уметност, а најмногу на музичката која му беше и лична професија.

Во една прилика познатиот композитор за тогашна Југославија, Тома Прошев, којшто беше братучед на нашиот кум Илија Џаџав, за професорот Ристо Ј. рече оти вистинска штета било што се вратил во Македонија, а не, пак, во Кочани. Таков талент, велеше Прошев, не сретнал никогаш во животот. Ако кажеш музика мислиш на Ристе, а ако кажеш Ристе мислиш на музика, така велеше професорот на Музичката академија во Скопје и врвен композитор за тогашни прилики во Југославија. Секогаш кога ќе се сретневме ми велеше да го поздравам ГЕНИЕТО.


Во Домот на културата „Бели мугри“ каде учествував како актер – аматер доаѓаше и професорот којшто беше задолжен за музиката и свтлосните ефекти. Имаше една сцена која се одвива ноќе, па се гаси жолтото светло (денот), а се пали синото светло (ноќта).

Еден од главните актери требаше да влезе и да ѕвони. Бидејќи ноќе се случуваше, сцената имаше шифра за ѕвонење, ѕвони – три пати(шифрата). Јас и Бацо го исклучивме ѕвончето, па професорот не можеше да го употреби копчето. Изнервиран од долу, откај публиката, режисерот Борис Стојчев – Боце, којшто беше неизмерно одговорен и во детали перфекционист, извика:

-Ристе бе, Ристе, добро со светлото, ама оти не ѕвони? Нели
тука требаше да ѕвонеш?

На ова професорот рече:

-Па директоре, јас трипати рекох: ѕрннннн… ѕрнннн… ѕрнннн./крај

Сите заинтересирани читатели што сакаат да се снабдат со книгата „Погреб со смеење“, може да се пријават во коментар или во порака на фејсбук страницата на интернет порталот Гласно.мк.

Адаптација: И. Матеничарски

Сподели: