„Секој петок по една“ – Џанго и Сантана

101 КОЧАНСКА (НЕ)ЗГОДА…+1 се интересни хумуристични случки од Кочанско, напишани во  делото „Погреб со смеење“ на м-р Доне Донев.  Сите ликови и настани во (не)згодите се вистинити и се имаат случено. Интернет порталот „Гласно“ ги објавува во серијалот „Секој петок по една“ со дозвола на авторот.

Џанго и Сантана

Меѓу Мите Мазни и Трпко од Облешево

Пишува: Доне Донев


Во село Облешево имаше кафеана „Облешевка“ којашто беше многу популарна. Нејзин сопственик беше прочуениот кафеанџија. Димче од Скопје. Во кафеаната се пиеше, се јадеше до рано в зори. Имаше и музика со оркестар на чело со познатиот кочански музичар Цицибано.

Една вечер во кафеаната поднапиен влегол познатиот облешевски „шериф“ Трпко. Отишол на една маса, извадил голем нож, како за касап, го забодел на масата и гласно викнал:

-Ја сам Сантана, нико не сме да писне, јер ко писне убиќу га!!!

Мите Мазни беше милиционер (полицаец). Бил на должност.Мите Мазни (така го викаа, а за презимето, простете, не се сеќавам) бил во WC и се изненадил кога одеднаш прекинала музиката.
Си помислил оти струја снемало, ама имало. Ај мајката, што ли се случило? Ја подал главата и видел како Трпко оди од маса на маса и повторува:

-Ја сам Сантана, нико не сме да писне, јер ко писне убиќу га!!!

Мите Мазни гледал и не можел да поверува. Од убава вечер со музика вечерта се претворила во траурност. Мртва тишина. Полека, на прсти, му се приближил на Трпко. Му го вперил пиштолот во главата и гласно му рекол:

-Слушај Сантано, јас сам Џанго, продај свој нож и купи себи ковчег јер су твоји секунди одбројани.

Трпко се здрвил, го оставил ножот, а Мите повикал милиција и го привеле Трпко./крај

Сите заинтересирани читатели што сакаат да се снабдат со книгата „Погреб со смеење“, може да се пријават во коментар или во порака на фејсбук страницата на интернет порталот „Гласно“.

Адаптација: И. Матеничарски

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial