„Секој петок по една“ – Не заклучувај…

101 КОЧАНСКА (НЕ)ЗГОДА…+1 се интересни хумуристични случки од Кочанско, напишани во  делото „Погреб со смеење“ на м-р Доне Донев.  Сите ликови и настани во (не)згодите се вистинити и се имаат случено. Интернет порталот „Гласно“ ги објавува во серијалот „Секој петок по една“ со дозвола на авторот.

Не заклучувај…

За мене и за Ратко Димитровски

Пишува: Доне Донев

Со Ратко Димитровски се знаеме од 1989 година кога јас ја подготвував монодрамата за гемиџиите „Гемиџијата“. Тој работеше во тогашната печатница „Младост“ и беше одговорен за печатарството. Како дипломиран инженер од Загрепската школа внесуваше уште тогаш новини во печатењето. Отидов кај него и го замолив да бидат спонзори. Кога слушна што е тематиката, реши веднаш да го напечати плакатот за монодрамата. Но кога кажавме што ќе има на плакатот (Етничка Македонија), нè малтретираа до март 1990 година. И него и мене. Успеавме и го испечатија плакатот, иако со мали корекции. Потем Ратко со покојниот Илчо Митев отвори приватна печатница „Европа 92“, којашто и ден-денес работи успешно и според моите проценки е најквалитетна во југоисточна Европа. Со Ратко оттогаш се зближивме многу. Почнавме да излегуваме навечер. Најчесто во кафеаната „Трокадеро“. Таму се договаравме за секоја моја наредна монодрама и тука морам да истакнам, иако тој не сака, оти до сега НА СИТЕ МОИ МОНОДРАМИ „ЕВРОПА 92“ беше спонзор.

Тој велеше: „Не кажувај оти сме ти биле спонзори – и други ќе сакаат…

“ Вистината вели дека и на многу други уметници биле спонзори.

Е сега за тоа што сме се собирале во „Трокадеро“. Јас живеев на улицата „Тошо Арсов“ којашто е веднаш под пионерскиот дом АСНОМ, а од трговскиот центар е оддалечена само 96 скалила. Скоро секоја вечер одев со него (тука беа и Лубашо – Пантелеецо, Папазо – Љупчето Папазов, Љубо Мандиќ и други за кои сега не се сеќавам) во „Трокадеро“. Кога излегував од дома, й велев на сопругата да не заклучува затоа што ќе се вратам за половина, а може најмногу за час. Секогаш велеше дека е во ред. Арно ама, јас секогаш со Ратко и останатите наместо час, останував по пет-шест часа. Една вечер останав до утринските часови. Во една друга прилика, петочна вечер, й реков на сопругата да не заклучува, а таа
рече:

– Не заклучувам еднаш оваа вечер, ќе заклучам двапати.

Така таа вечер ако не тропав посилно, ќе останев да спијам надвор. Оттогаш кога на сопругата ќе й кажам оти сум со Ратко,
таа ќе каже:

– Тоа значи да не те чекам и да ја заклучувам вратата двапати!!!/крај

Сите заинтересирани читатели што сакаат да се снабдат со книгата „Погреб со смеење“, може да се пријават во коментар или во порака на фејсбук страницата на интернет порталот „Гласно“.

Адаптација: А. Арсов

Сподели: