101 КОЧАНСКА (НЕ)ЗГОДА…+1 се интересни хумуристични случки од Кочанско, напишани во делото „Погреб со смеење“ на м-р Доне Донев. Сите ликови и настани во (не)згодите се вистинити и се имаат случено. Интернет порталот „Гласно“ ги објавува во серијалот „Секој петок по една“ со дозвола на авторот.
На претстава
„Андрокле и лавот“
Пишува: Доне Донев
Како што погоре напишав, јас, Мито и Тане отидовме да ја гледаме претставата „Андрокле и лавот“. Улогата на лавот ја играше тогаш мошне познатиот пантомимичар Никола Аслимовски. Се играше на малата сцена во стариот објект на МНТ. Над самата сцена имаше мрежа на која беше „лавот“. За време на претставата „лавот“ фрлаше бонбончиња, а само јас излегував и ги собирав. Во еден момент актерот Аслимовски виде оти само јас ги собирам, ја спушти главата од мрежата и рикна кон мене како лав.
Целта на претставата беше и публиката да се вклучи во „играта“, но очигледно освен мене никој не реагираше. Кога рикна „лавот“, јас се „исплашив“ и побегнав накај вратата кон излезот, на што публиката реагираше со смеа и аплауз. До крајот на претставата не излегов да собирам бонбони. Ја следев претставата која беше мошне интересна. Актерите играа со толкава леснотија што мислев само што почнала, иако крајот й се ближеше за пет-десет минути. Не знам што ми текна, кога „лавот“ којшто беше во длабок сон (според сценариото) лежеше на мрежата свртен со грбот кон мене, јас полека станав, му се доближив и рикнав толку гласно што и актерите се здрвија. Аслимовски скокна од мрежата и само што не падна на сцената.
Кога актерите ме видоа (скоро со сите се знаев), не знаеја како да реагираат и одеднаш почнаа да се смеат. Почна и Никола Аслимовски да се смее, богами и публиката. Настана општа смеа. Никола за возврат наместо карање ми ги даде сите останати бонбончиња, на што публиката долго ракоплескаше./крај
Сите заинтересирани читатели што сакаат да се снабдат со книгата „Погреб со смеење“, може да се пријават во коментар или во порака на фејсбук страницата на интернет порталот „Гласно“.
Адаптација: А. Арсов