Во тек е изградбата на фекална и атмосферска канализација на улицата „Кирил и Методи“ во Кочани, како дел од активностите што претходат за асфалтирање на оваа улица.
Службите од Одделението за уредување на градежното земјиште во Општина Кочани објаснуваат дека со овој канализациски дел се зафаќаат атмосферските и отпадните води од поширок простор над Белскиот Дол, од околината на Споменикот на слободата, сѐ до крајот на улицата „14 Бригада“.
– Со овој проект на кој се работи половина година е изграден колектор со должина од 438 метри, кој веќе функционира и на кој е приклучена постојната фекална канализација. Од предвидените осум краци, со вкупна должина од еден километар, изградени се три. Паралелно со кракот 1 се гради и атмосферска канализација со сливни решетки и улични сливници – соопштуваат од Одделението за уредување на градежното земјиште.
Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев истакнува дека изведбата на канализацијата на овој потег во градот се оценува како една од најсложените градби и е еден од најскапите проекти од ваков вид, за кој се наменети 9,5 милиони денари. Илијев додава дека освен тоа што се решава инфраструктура на која се чекало со децении, се создава можност за изградба на нови индивидуални градби над улицата „Кирил и Методи“.
Работите ги изведува фирмата „Калина“ од Оризари, а надзорот е на фирмата „Инвестинг“ од Радовиш. По изградбата на фекалната и на атмосферската канализација, избраниот изведувач „Ленди груп“ ќе ги асфалтира четирите краци од улицата „Кирил и Методиј“ во вкупна должина од 732 метри.