Се запали автомобил во движење, поради метеж во сообраќајот пожарникарите едвај стигнале да интервенираат

Патнички автомобил настрада во пожар откако се запалил во движење во кругот на Општата болница во Кочани поради што во гаснењето интервенирале пожарникари од Територијалната противпожарна единица – Кочани.

Станува збор за автомобил марка „Опел Зафира“ на словенечки регистарски ознаки што од пожарот претрпел големо оштетување на каросеријата и внатрешноста на автомобилот. За среќа, возачот останал неповреден од пожарот, а брзата интервенција на пожарникарите спречила автомобилот целосно да не изгоре во пожарот.

Сообраќајниот метеж низ улиците на Кочани што деновиве се создава за празниците бил дополнителен проблем за пожарникарите да стигнат и да интервенират.

– Дојавата за запалено возило ја примивме во 14:20 ч. при што тројца пожарникари, со едно противпожарно возило веднаш се упатија на терен.  Пожарот целосно го локализиравме иако поради големиот метеж во сообраќајот со потешкотии стигнавме на местото на пожарот. Апелирам до возачите и учесници во сообраќајот штом слушнат сирена и забележат ротационо светло на возило на пожарна, полиција или болница да се однесуваат одговорно, да се исклучат од сообраќај со што би ни овозможиле прооден пат, рече за интернет-порталот „Гласно“ Влатко Јефтимов, заменик-командир во ТППЕ – Кочани.

Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од полициската станица Кочани која треба да ги даде причините за настанување на пожарот.

И. Матеничарски

Сподели: