Се излеа десниот магистрален канал на хидросистемот „Брегалница“ кај пропустот во населбата Усова Чешма во Кочани.
Поплавени се дворови и подрумски простории на четири куќи кои се наоѓаат под каналското корито при што е причинета незначителна материјална штета.
Дежурни екипи на водостопанската подружница „Брегалница“ се излезени на терен и ја расчистуваат каналската решетка во која е наталожено ѓубре и смет.
-Наши екипи се на терен и го расчистуваат пропустот на каналот кај Усова Чешма , а водата веќе се повлекува во каналското корито. Пред четири дена, пред да ја пуштиме водата во каналската мрежа, екипи на Водостопанство „Брегалница“ и КЈП „Водовод“ детално ги исчистија сите каналски решетки. Неодговорноста на граѓаните со фрлање на отпад во коритото на каналот доведе до запушување на пропустот и излевање на водата од каналското корито. Уште еднаш апелираме за одговорно однесување на граѓаните. Случаите на исфрлање на отпад во каналот ќе бидат пријавени до надлежните инспекциски служби, информираше за интернет-порталот „Гласно“, Дени Митров, директор на Водостопанство „Брегалница“ – Кочани
Од подружницата на Водостопанство „Брегалница“ додадоа дека во иднина се планира поставување на видео надзор на дел од каналската мрежа со цел откривање на граѓаните кои фрлаат отпад во каналите на хидросистемот „Брегалница“.
И. Матеничарски