Се канализира Кочански Дол – се гради дел од колекторот за поврзување со Пречистителната станица

Продолжуваат градежните активности за рехабилитација на дел од канализациската мрежа во Кочани и Оризари, во чии рамки е проектот за зафаќање на атмосферски води од Кочански Дол во Оризари.

– Деновиве се вградуваат цевки за атмосферските води на потегот од објектот на Поштата кон источниот дел на Оризари. Атмосферската канализација ќе биде во должина од 445 м, со профил од 1 000 мм. Главниот колектор веќе е поврзан со Масалница и во наредниот период ќе се покрива – соопшти Влатко Димитров, раководител на Секторот за уредување на градежно земјиште во Општина Кочани.

Третманот на отпадни води во Оризари се подобрува со два нови колектора за канализација кои ќе ги заменат сегашните. Потребата за реконструкција на дел од канализацискиот систем во Оризари е резултат на големата инфилтрација на подземна вода во двата главни колектора од двете страни на Оризарска Река.

Со проектот за рехабилитација на канализациската мрежа, во Кочани кај Машинскиот мост се гради и нов цевковод за собирање отпадни води, паралелен со постојниот, со должина од 85 м. Реконструкцијата и на канализациската мрежа во Тркање ќе овозможи фекални води од ова село да се поврзат со Пречистителната станица во Мојанци. Исто така ќе се решат спорните делници со несоодветна нивелација и ќе се спречи излевањето на фекалните води во Трканска Река.

За рехабилитација на дел од канализациската мрежа во Кочани, Оризари и во Тркање се наменети околу 85 милиони денари, средства донирани од Швајцарската агенција за развој и соработка, во кои Општина Кочани учествува со 10 проценти.

Рокот за реализација на проектот „Продолжување и дозавршување на проектот Пречистителна станица за отпадни води – Мојанци“ е до втората половина на 2022 година.

Сподели: