Се намалува бројот на хоспитализирани пациенти со ковид во болницата во Кочани, полицијата контролира 48 лица под здравствен надзор

Се намалува бројот на хоспитализирани пациенти на Ковид одделението во Општата болница со проширена дејност – Кочани.

Како што информираше директорот на кочанската болница Александар Серафимов, во моментот на Ковид одделението во болницата во Кочани се лекуваат пет пациенти кои се на кислородна поддршка од кои најмладиот има 26 години.  Моментално поради намалениот број на хоспитализации како Ковид одделение се  користи единствено делот од интерното одделение, но во функција се и другите капацитети за сместување.

Во болницата во Кочани на располагање се и брзи тестови за детекција на коронавирус. Со нив се тестираат пациенти закажани преку мој термин, а се користат и интерно за пред хоспитализација и операција.

Од Одделението за внатрешни работи Кочани информираат дека моментално под здравствен надзор се контролираат 48 лица  од  општините Кочани, Зрновци и Чешиново-Облешево, но овој број варира на дневно ниво. Оттаму додаваат дека во најголем дел од случаите се почитуваат изречените мерки, додека  во одредени случаи за непочитување се поднесува соодветна пријава до обвинителството.

Во кругот на кочанската Општа болница привршува и подготовката на теренот за поставување на монтажна модуларна болница за нега на ковид пациенти.

Градежните активности за изградба на подлогата за поставување на болницата се  во завршна фаза и се одвиваат според предвидената динамика информираат од Општина Кочани.

И. Матеничарски

Фото: A. Арсов

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial