Сите населени места во Општина Чешиново-Облешево ќе добијат современо ЛЕД јавно осветлување со проектот што од денеска почна да го спроведува локалната самоуправа. За проектот е обезбеди грант од околу 450 илјади евра преку Регионалната програма за енергетска ефикасност во Република Северна Македонија.
Промената на досегашното класично осветлување е според ЕСКО модел за јавно-приватно партнерство со АД „Македонски телеком“, при што ќе се постават околу 1.300 светилки во 14 села во Општината.
-Станува збор за нов модел на висококвалитетна ЛЕД технологија за улично осветлување, со него ќе се овозможи значителна заштеда на електрична енергија, а ќе се намалат и нашите трошоци за одржување поради подолгиот животен век на светилките. Благодарение на Регионалната програма за енергетска ефикасност чиј фокус за поддршка е јавниот сектор, добивме помош преку Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а за што се обезбедени финансиски средства од Инвестициската рамка на ЕУ за Западен Балкан, истакна градоначалникот на Чешиново-Облешево, Горанчо Крстев.
Договорот за јавно-приватно партнерство со „Македонски телеком“ е за период од 12 години, а инсталирањето на новото јавно осветлување ќе се врши сукцесивно.