Се подготвуваат локации за дезинфекција на возилата на влезовите во Кочани

Општина Кочани продолжува да ги спроведува актуелните и да воведува нови мерки за спречување на ширење на коронавирусот.

Денеска започна уредувањето на просторот за дезинфекција на возилата на влезот од Штип. Непосредно кај поранешните објекти на „Кочанско Поле“ пред надвозникот на излезот од магистралниот пат А3, се работи на проширување коешто ќе биде прилагодено во дезинфекциска бариера за сите возила што влегуваат во Кочани од оваа страна.

Според стручните лица, покрај градежната интервенција, ќе биде поставена и соодветна вертикална сообраќајна сигнализација.

Наскоро дезинфекциска бариера за возилата ќе биде поставена и на влезот во Кочани откај Оризари, во близина на бензинската пумпа „Филипов“.

По првиот евидентиран случај од Кочани заболен од КОВИД-19, се зголеми бројот на самоизолирани лица, меѓу кои се и четиринаесет лица од семејството на болниот.

Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев упати повик до сите што имале контакт со заболениот да контактираат со својот матичен лекар и превентивно да се самоизолираат. Илијев апелира сите да се однесуваат совесно, да ги почитуваат  мерките и препораките на Владата, Министерството за здравство и Светската здравствена организација, за да се избегнат несаканите последици по личното и јавното здравје.

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial