Само по една недела од отворањето на посебното Ковид одделение во кочанската Општа болница, капацитетот за згрижување на пациенти позитивни на корона вирус е речиси исполнет.
Дваесет и петте легла кои беа ставени на располагање на дел од Интерното одделение се пополнуваат со пациенти од Кочани, но и соседните општини од Истокот, па сега на располагање се само уште 7 слободни кревети.
Директорот на ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Кочани, Александар Серафимов во изјава за интернет порталот „Гласно“ информираше дека состојбата се следи и согласно потребите дополнително се менаџира.
-Во моментот на посебното Ковид одделение во болницата имаме хоспитализирано вкупно 18 пациенти, од кои 12 се позитивни на вирусот, а на 6 лица им е земен брис и чекаме резултати. Ние немаме инфектолог, а хопитализирањето на пациенти е по препорака на колега инфектолог од Штип со кој сме во постојана комуникација околу лекувањето. Во болницата се сместени пациенти со благи симптоми , но и потешка симптоматологија, истакна Серафимов.
Директорот Серафимов додаде дека доколку се јави потреба, постои можност за проширување на капацитетите за згрижување на пациенти, во делот каде е сместено одделението за физикална терапија. Поради ангажирањето на персоналот и просторните услови за потребите на Ковид одделението, со намален интензитет работи интерното одделение во Општата болница.
Министерството за здравство уште во јули најави изградба на модуларна монтажна болница во рамки на регионалниот ковид-центар во Кочани, но за нејзино поставување се чека потпишување на договорот помеѓу локалната самоуправа и Министерството за здравство.
Во моментот во Кочани има 187 активни случаи на заразени со корона вирус, а во вчерашниот извештај на Министерството за здравство немаше регистирано нови позитивни случаи .
И. Матеничарски