Тешка механизација од утрово започна со поставување на модуларната монтажна болница за нега на ковид пациенти, во кругот на Општата болница со проширена дејност – Кочани.
Во долгонајавуваниот монтажен модул ќе биде инсталирана современа медицинска и техничка опрема, а модулот ќе добие и централен довод на кислород за третман и тријажа на пациенти со ковид.
Средствата за изградба и опремување на модуларната монтажна болница се обезбедени од Министерството за здравство, преку заем од Светска банка.
Претходно, Општина Кочани со средства од основниот буџет го подготви теренот за поставување на модулите со изградба на платформа со приклучоци за вода, струја и канализација.
По завршување на пандемијата ќе се размислува за пренамена на модуларната монтажна болница за други потреби на кочанскиот медицински центар. Една од идеите е во неа да бидат сместени амбулантите од одделенијата на Општата болница со проширена дејност – Кочани.
И. Матеничарски