Се роди првото бебе во Кочани во 2020 – втора ќерка на семејството Стојанови

Втората принова во семејството Стојанови е првото новороденче во Кочани. Мајката Ангела ја донесе на свет својата ќерка утрово по 8 ч., со нормално породување, како што вели самата, лесно и брзо.

Желбите за убаво детство на првороденото, здравје и среќа на целото семејство им ги пренесе градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев, врачувајќи го традиционалниот златен подарок.

Според гинекологот д-р Фонзи Јуруков породувањето било во најдобар ред, а бебето е родено со тежина од 3 200 г и должина од 54 см. Минатата година во Општа болница – Кочани имало 30 породувања повеќе од 2018 година.

Директорот на Општа болница д-р Александар Серафимов го истакна континуираното подобрување на состојбите во оваа институција, кое најмногу се огледа со извршувањето на буџетот, кој од околу 50 % до пред 2 години сега е 92 %.

Градоначалникот Илијев најави дека со поддршка од Министерството за здравство, Кочани во наредниот период треба да прерасне во модерна медицинска установа во регионов со центар за физикална терапија.

Раководството на кочанската Општа болница, со поддршка од локалната самоуправа и градоначалникот Илијев настојува да ги подобри кадровските, техничките и материјалните услови на Акушерското одделение, со цел да ги задржи пациентките со квалитетни здравствени услуги.

Според директорот Александар Серафимов екипираноста е одлична со тоа што оваа болница е една од ретките во државава со четворица специјалисти по гинекологија.

Сподели: