За време на принудниот распуст на учениците, одговорните во ОУ„Св.Кирил и Методиј“ го користат времето за доуредување на кабинетите и дворното место во училиштето.
Изминатиов период целосно се бојадисани преостанатите четири училници кои не беа опфатени со минатогодишното реновирање, а истите добија и нови клупи. Воедно кабинетите се опремени со нови елементи, а за време на епидемијата дезинфицирана е и училишната зграда.
Директорот на училиштето Даниел Кралев, информираше дека се уредува и училишниот двор. Засадени се дрвца од видот туи, а површината дополнително е разубавена со 120 трендафили.
Исто така ОУ„Св.Кирил и Методиј“ се подготвува за уписи на нови првачиња во новата учебна 2020/2021 година.
Од 1 јуни започнува уписот на првачиња и тоа во Централното училиште уписот ќе се изврши од 01 до 08 јуни, во Подрачното училиште во с. Горни Подлог на 9-ти јуни и во Подрачното училиште во с. Бели на 10-ти јуни.
Училишни обврзници оваа година се дечињата родени 2014 година, а право на упис имаат и дечињата родени во јануари 2015 година, но за нив уписот се врши исклучиво по барање на родител и дадено мислење од стручната служба во училиштето. Поканите веќе се доставени до родителите , но досегашното искуство покажало дека понекогаш, од непознати причини, не сите покани стигнуваат до примателите.
Меѓутоа, оние родители кои нема да добијат покана, слободно може да се обратат во училиштето, за да добијат информации околу уписите и термин за упис на нивното дете. За секое идно прваче во поканата е дадена дата термин, а од училиштето апелираат заради превенција од КОВИД 19 да се почитуваат дадените термини.
И.Матеничарски