Силно невреме го погоди Кочани, гром опожари кров од куќа, поплавени подруми и гаражи

Силно невреме проследено со дожд, електрични празнења и ветар попладнево го зафати Кочани при направи штета и поплави подрумски простории и гаражи на семејни куќи во Кочани.

Надојдената вода направи најголеми проблеми во западниот дел на градот, на ул. „Роза Петрова“, „1 – Ви Мај“ и „Бел Камен“, а од удар на гром на ул. „Гоце Делчев“ настрада и кровна конструкција на куќа.

– Целата единица со сите расположливи ресурси е на терен со поддршка на Доброволното противпожарно друштво. Интервениравме на гасење на пожар на кровна конструкција предизвикан од електрично празнење на ул. „Гоце Делчев“, како и испумпување на вода од гаражи и подрумски простори во Белско маало и Сиви Дом, истакна Драган Апостолов, командир на ТППЕ Кочани.

Атмосферската вода донесе наноси на земја и песок низ сообраќајниците во Кочани, а канализационата мрежа не можеше да го прими налетот на дождовница.

Поради зголемен водостој на Кочанска Река се стравува од излевање во долниот тек на реката низ полските села, но засега нема пријавено излевање.

Надојдената вода направи штета и на потпорни ѕидови, улици и останата инфраструктура.

И. Матеничарски
Фото: А. Арсов

Сподели: