Симболично одбележани „Денови на кочанскиот ориз“, Ленче Стојанова избрана за најуспешен оризопроизводител

Годинашново, 34. издание на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“ беше симболично одбележување на жетвата на оризовата култура.

На оризова нива на Институтот за ориз, претставници на Здружението на пензионери – Кочани и младинци, членови на ФА „Љупчо Сантов“ од Оризари учествуваа во приказот на обичајот зажнејување.

Со благослов за успешно собирање на родот од оризовите полиња, но без песна и оро, во знак на почит кон починатите во трагедијата на 16 март оваа година – скратеното издание на манифестацијата има цел да ја задржи традицијата во чувањето на културното наследство поврзано со оризопроизводството.

Вршителот на должноста градоначалник на Општина Кочани Венко Крстевски ѝ ја врачи наградата на Ленче Стојанова од Кочани, која Комисијата за избор на најуспешен оризопроизводител ја избра за најуспешен оризопроизводител. Стојанова е регистрирана земјоделска производителка, која во 2024 година има 55 450 кг предадена арпа и поседува 46 ха земјоделско земјиште.

Честитајќи ѝ ја наградата, Крстевски истакна дека таа покажува дека жените оризопроизводителки можат да бидат подеднакво успешни како мажите.

Д-р Верица Илиева, професорка на Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, го претстави проектот „КАРБОНИКА – Јаглеродна иницијатива за климатски отпорно земјоделство“. Со проектот се развиваат земјоделски практики кои го задржуваат јаглеродот во почвата или ги намалуваат емисиите на стакленички гасови и практики за следење на нивото на складираниот јаглерод во почвата, како придонес во ублажувањето на климатските промени.

Сподели: