Симон Трпчески и Горјан Петревски го отворија Фестивалот на децата, книгите и музиката 2021

Во Мултикултурниот центар во Кочани денеска беше отворена програмата за одбележување на 2 април –Меѓународниот ден на литературата за деца.

Годинашново издание на проектот „Славење  на меѓународниот ден на литературата за деца, Другарувањето со книгите ни е песна – Фестивал на децата, книгите и музиката“ го отворија пијанистот маестро Симон Трпчески и писателот на литература за деца и млади  Горјан Петревски, преку литературната средба насловена „Љубовта кон зборот и музиката остава трајни вредности во културата“.

Пред присутната публика, маестро Трпчески се наврати на своите почетоци во музиката, на важноста на негувањето на македонскиот јазик и литераутра, но и на романот „Сама“ на авторот Горјан Петревски кој е посветен токму на Трпчески.

-Навистина сум среќен што можев да придонесам во чествувањето на Меѓународниот ден на литературата за деца во организација на Библиотеката „Искра“. Кочани е еден прекрасен град од каде имам прекрасни спомени. Еден од моите последни концерти низ Македонија беше токму во Кочани. Се надевам дека традицијата на организирање на овој настан ќе продолжи и во иднина, преку кој ќе се влијае на писменоста и негувањето на литературата на младите генерации водени од луѓе кои се вработени во библиотеката „Искра“ , како еден светол пример би ја издвоил гопоѓата и модератор на настанот, Магдалена Кочовска Салтирова – истакна маестро Симон Трпчески.

На литературната средба беа истакнати случки и настани од романот „Сама“, дело на авторот Петревски поветено на маестро Симон Трпчески.

-Романот „Сама“е посветен на Симон Трпчески, а главниот машки лик  Симеон Ѓоргиев асоцира токму на него. Тоа е приказна која со години наназад е прифатена од младите, ја сакаат и  читаат. Најголема награда за еден автор е тоа што го има напишано да биде прифатено од публиката – истакна авторот Горјан Петревски

Уметничкиот дел на манифестацијата беше доверен на учениците од ОМУ „Ристо Јуруков“ – Кочани, Јован Филипов и Љупка Јорданова.

На настанот поздравно обраќање имаше и градоначалникот на општина Кочани, Николчо Илијев.

Програмата за одбележување на 2 април –Меѓународниот ден на литературата за деца продолжува и во наредните денови со низа на културни настани во организација на Библиотеката „Искра“.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: