Делегации од Општина Кочани и советници од Советот, партиски делегации од позицијата и опозицијата, членови на Здружението на борците од НОВ и граѓани речиси секој државен празник се поклонуваат на спомен бистите на хероите Љупчо Сантов и Раде Кратовче и мислата на поетот Србо Ивановски во Паркот на револуцијата чии букви од имињата и мислата се оштетени и делумно недостасуваат.
Оштетувањето на буквите од имињата на хероите и мислата на поетот Србо Ивановски заедно со осветлувањето недостасуваа уште во првите месеци од поставување на обновениот споменик поставен во близина на јавен тоалет, што очигледно во ваква состојба се наоѓа поради неквалитетната изведба. Но и покрај тоа, набројаните делегациите упорно, секој државен празник без притоа тоа да им смета се поклонуваат пред бистите чии имиња за скоро време воопшто нема да се читаат без притоа да иницираат нивна обнова. Срамот е голем и кон фамилијата на Кратовче која секоја година по повод неговата смрт положува свежо цвеќе пред бистата на својот близок.
Одржувањето на спомениците на хероите кои живот дале за слободно Кочани и Македонија треба да биде постојано исто како и одржувањето на нивната околина. Нека ова биде последно положување на цвеќе пред оштетените споменици со надеж дека некој од присутнтите делегации ќе се сети да иницира нивна обнова.
Ако нешто е право, барем моменталнта состојба на споменикот е вистинско олицетворение на состојбата во која се наоѓа Кочани, а уште повеќе Македонија.
И. Матеничарски