Јубилејното 60. издание на Драмски аматерски фестивал на Македонија и годинава ќе помине со скромна финансиска поддршка од страна на Министерството за култура.
Согласно објавените резултати од Годишниот конкурс за финансирање на проекти од национален интерес, Драмскиот Аматерски фестивал годинава од државиот буџет ќе добие скромни 270.459 денари за организација на фестивалот. Одобрените средства се далеко од потребите за достојна организација на единствената манифестација од ваков тип и традиција во Македонија.
На Драмскиот Аматерски фестивал кој има меѓународен карактер во просек се прикажуваат од 10 до 12 театарски претстави на театарски групи од земјава и странство. За нивни потреби организаторот на фестивалот обезбедува храна и сместување. Голем дел од трошоците за организација одзимаат и печатењето на пропаганден материјал, осветлување и сценско озвучување како и дополнителните настани од ликовната и музичка уметност.
Минатата година ДАФ од Министертвото за култура доби средства од 392 илјади денари, а годинава буџетот е намален на скормни 270 илјади денари.
Според најавите и годинава Локалната самоуправа на Кочани преку Програмата за култура ќе одвои средства за организација на фестивалот, а материјална и финансиска поддршка ќе се бара и од приватниот сектор од Кочани.
Скромната финансиска поддршка на Драмскиот Аматерски фестивал од година во година води традиционалната манифестација полека да згаснува.