Со положување свежо цвеќе пред спомен бистата на хероината Малина Попиванова, во дворот на основното училиште во Кочани, скромно и достоинствено беше одбележан патрониот празник на училиштето.
По повод 119 години од раѓањето на Малина Попиванова и 36 години од основањето на училиштето, делегација на ОУ „Малина Попиванова“ и Општина Кочани, одадоа почит на патронот чие име го носи кочанското училиште.
-Патрониот празник го одбележуваме во скромни услови, согласно ситуацијата и новите протоколи. Во ова време сакам да им посакам многу здравје на сите ученици и вработени со надеж дека следниот патронен празник ќе го чествуваме во нормални услови. Во рамки на чествувањето организиравме ликовен и литературен конкурс. На литературниот конркус доделивме три награди, за прво, второ и третто место додека ликовниот конкурс има само изложбен карактер, истакна Благој Петров, директор на ОУ „Малина Попиванова“ – Кочани.
Првото место на литературниот конкурс му припадна на ученикот Матеј Алексов, за делото „Силна девојка, Македонка“ под менторство на наставничката Весна Вучева. Горица Јанева ја освои втората награда за делото „За Малина Попиванова“, додека третонаградена е ученичката Ива Ситновска, за делото со наслов „Пред бистата“.
Од ОУ„Малина Попиванова“ – Кочани додадоа дека помеѓу двете празнувања во училиштето реализирани се голем број на проекти. Реновирани се тоалетите, фасадата на училишната зграда, спротските терени и училишниот двор, а поставени се и клима уреди донација од Министерството за животна средина.
Чествувањето на патрониот празник на училиштето се одржа со почитување на протоколите за заштита од Ковид -19.
И. Матеничарски