Со положување свежо цвеќе пред бистата на херојот Раде Кратовче, во дворот на основното училиште во Кочани скромно беше одбележан патрониот празник на училиштето.
Дел од вработените на чело со директорот Благој Давитков, денес оддадоа почит на патронот Раде Кратовче, чие име го носи кочанското училиште.
-Традиционално секоја година на денешен ден 23-ти март нашето училиште го одбележува и празнува патрониот празник. Но оваа година сите активности кои беа планирани од страна на учениците и наставниците ќе бидат одложени поради актуелната состојба со коронавирусот. Во насока да го испочитуваме предупредувањето од Владата, односно сите да останеме дома и да се заштитиме од овој вирус. – рече Благој Давитков директор на ОУ „Раде Кратовче“.
Од училиштето информираат дека планираната културна манифестација за одбележување на патрониот празник оваа година нема да се оддржи поради вонредната ситуација во државата.
Инаку Раде Михајлов Кратовче загинува на денешен ден во 1944 година на Осоговските планини, во атарот на селото Главовица.
И.Матеничарски
Фото: А.Арсов