Врнежи од снег и минусни температури од утрово го зафатија Кочани и околните населени места, по најавите за снежен бран од Управата за хидрометероолошки работи.
Според најавите, снежните врнежи и минусните температури ќе продолжат во текот на ноќта и утрешниот ден. Дополнително се очекува зголемување на дебелината на снежната покривка.
Ниските температури и влажните коловози со остатоци од снег создадоа услови за појава на голомразица на улиците во Кочани.
Екипи на КЈП „Водовод“ од утрово интервенираат на терен, расфрлувајки песок и сол по сообраќајниците низ градот. Се интервенира на улици, мостови, крстосници и угорнини во централното градско подрачје.
Сообраќајот на улиците во Кочани се одвива во зимски услови по влажни коловози, а се препорачува прилагодена брзина на движење и внимателно управување со возилата.
Патниот правец кон СРЦ „Пониква“ е прооден наместа со снег на коловозот.
Екипи на ЈП „Македонија Пат“ се на терен и интервенираат во расчистување и одржување на проодноста на делницата.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов