Поради наводни критиките за неправилностите во работење на кочанското комунално претпријатие и гласање против точките од дневниот ред на седниците на Советот, членот на Советот на Општина Кочани, Аки Акиов обвинува за мобинг и реваншизам на неговото работно место во КЈП „Водовод“ – Кочани.
Во писменото известување до интернет – порталот „Гласно“, Акиов наведува дека неговото барање да добие решение за користење годишен одмор било одбиено, со образложение дека тоа е наредба од директорите затоа што ги критикувал во Советот и не го следува ништо од „Водовод“.
Акиов додава дека негова задача како член на Советот, избран од граѓаните, е да ги претставува и пренесува нивните проблеми, наместо да ги поддржува политиките на раководството и вработувањата во комуналното претпријатие.
Од КЈП „Водовод“ во врска со обвинувањата на Акиов по барање на интернет – порталот „Гласно“ информираа:
– Вработениот Аки Акиов според евиденцијата со која располагаме во изминатите 10 (десет) месеци, користел боледување 7 (седум) месеци, а 1 (еден) месец користел право на годишен одмор. Тоа доволно зборува за односот на вработениот кон работното место и работните задачи. Во поглед на наводите за мобинг од страна на раководните лица кон вработениот, во целост ги отфрламе обвинувањата, бидејќи на работникот не му се прекршени правата од работен однос, за што сведочат неколку инспекциски надзори во кои не се констатирани неправилности. Со оглед на нивото и начинот на кое се изнесени обвинувањата со употреба на навреди и клевети, сметаме дека истото не претставува ниво на кое треба да комуницираме, па во иднина нема да доставуваме реакција на вакви и слични текстови, соопштија од „Водовод“.
Советникот Акиов информираше дека ќе упати допис до трудовата инспекција, народниот правобранител, ОБСЕ, евроамбасадорот и до канцеларијата за човекови права.
И. Матеничарски