Советникот во Советот на Општина Кочани, Венко Крстевски со демант на соопштението на Партијата за демократски просперитет на Ромите (ПДПР).
„Почитувани сограѓани,
Бидејќи сум прозван од политички субјект кој тврди дека ги застапува интересите на ромите, а истиот изнесе редица клевети на моја сметка, сакам да го искористам моето лично право на демант и да го заштитам вашето право на правилно информирање.
Обвинет сум за недолично однесување, говор на омраза, повик за насилство и навреди на национална основа за пишаниот статус. Единствено нешто на што повикувам во статусот кои можете да го прочитате на мојот Фејсбук профил, а повикувам и во оваа прилика е законот да важи ЕДНАКВО ЗА СИТЕ и институциите да бидат поефикасни во својата работа, нешто кое очигледно на некого не му одговара и затоа се служи со злонамерна замена на тези.
Одредени партии и невладини организации ја злоупотребуваат незавидната положба на нашите сограѓани Роми и под маската на борба за нивните права се стремат да извлечат политичка и материјална корист. Неисполнувањето на обврските кон државата како: неплаќањето на струја, вода и комуналии нема етничка и политичка боја. Заштитата на безбедноста и имотот на граѓаните за мене е врвен приоритет без разлика на национална, расна, верска, политичка или било каква друга припадност. Позади мене нема политичка партија, позади мене има граѓани кои ја имаат дадено нивната доверба и тие се единствените кои ми даваат легитимитет.
Како Советник ќе продолжам уште поенергично да се борам против дискриминацијата на едни граѓани за сметка на други, бидејќи тоа е изворот на нетрпеливоста по сите основи“.
Венко Крстевски Член на Совет на Општина Кочани