Советот на Општина Кочани на денешната 54.седница донесе едногласна одлука за престанок на донесување на комунален отпад од соседните општини, Виница, Чешиново-Облешево, Зрновци и другите општини.
Сите деветнаесет советници изгласаа веднаш да се престане со депонирањето на комуналниот отпад се до почнување со работа на Регионалната депонија во Свети Николе и до моментот на избор на постојан оператор за одржување и затворање на Градската депонија во Кочани.
– Советот воден од барањата на нашите граѓани кои протестираат за чист воздух и за целата ситуација којашто настана во Кочани и донесените заклучоците што на 1 ноември ги донесе Локалниот Совет за превенција, односно Штабот за заштита и спасување на кој присуствуваа повеќе од 26 претставници, денеска како точка еден едногласно од сите деветнаесет советници, Советот донесе одлука за престанок на донесување на комунален отпад од соседните општини Виница, Чешиново-Облешево, Зрновци и другите општини. Во член 1 од одлуката Советот на Oпштина Кочани побара веднаш да престане депонирањето на комуналниот отпад се до почнување со работа на Регионалната депонија во Свети Николе и до моментот на избор на постојан оператор за одржување и затворање на Градската депонија во Кочани, соопшти Лазо Митев, претседател на Советот на Општина Кочани.
Одлучено е одлуката да биде доставена до КЈП „Водовод“ – Кочани, соседните општини, Виница, Чешиново-Облешево, Зрновци и другите општини и Владата на Р. Македонија. Одлуката стапува на сила со денот на донесувањето, додаде Митев. Одлуката беше дополнета на дневниот ред на 54. седница на Советот по предлог на претседателот Лазо Митев, во координција со сите советници.
Меѓудругото, Советот на Општина Кочани донесе иницијатива за формирање на надзорно тело – еко патрола за вршење на надзор на вршење и депонирање на сметот на територијата на Општина Кочани, како предлог на советничката Жаклина Филипова Свеќаровска.
Седницата на Советот беше отворена за јавноста и на неа присуствуваа граѓани и еко активисти кои повеќе од две седмици протестираат и го блокираат пристапот до депонијата за комуналните возила од соседните општини.
– Благодариме на огромната поддршка на луѓето кои се бореа 17 дена на барикадите. Благодарност до Советот на Кочани и до Локалната самоуправа заради тоа што застанаа позади нас за повеќе да не ни се случуваат такви катастрофи како што беа до сега, рече Столе Глувчевски, граѓански активист.
Граѓаните кои го блокираат пристапот до депонијата кај Бели попладнево ќе одржат координативен состанок на кој ќе ја разгледаат новонастанатата ситуација и ќе донесат одлука дали ќе го прекинат протестот.
И. Матеничарски