Советот на Општина Кочани ја одржа 40. седница

Денеска, во салата на Спомен-домот „АСНОМ“, Советот на Општина Кочани ја одржа 40. редовна седница на чиј дневен ред се најдоа седум точки, главно поврзани со финансии и со мерките за справување со последиците од здравствената криза.

Советот донесе одлука за ослободување од плаќање комунална такса за користење на просторот пред деловните простории за вршење на дејност за време на вонредна состојба и ја измени и дополни Одлуката за утврдување на висината на комуналните такси, со што за користење на просторот пред деловни простории, до крајот на тековната година субјектите ќе плаќаат 5 наместо досегашните 10 денари за метар квадратен дневно.

Членовите на Советот донесоа одлука за проширување на средствата на Буџетот на Општина Кочани за 2020 година во износ од 44 илјади денари, за реализација на програмата Општинско-корисна работа.

Исто така, со решение на Советот се формира Комисија за процена и утврдување на висина на штетите предизвикани од невремето што го зафати Кочани на 10 јуни 2020 година, којашто има за задача да изготви процена и да ја утврди висината на штетите на станбените и на други објекти и согласно законската регулатива. Советот одобри користење на финансиски средства од постојаните резерви во износ од 450 илјади денари за отстранување на последици од елементарни непогоди, епидемии и еколошки катастрофи.

Меѓу повеќето советнички прашања, градоначалникот Николчо Илијев одговараше и на прашањето на советникот Сашко Стефановски во врска со информациите што се појавија во јавноста за градба на објект во близина на водопадите на Мала Река. Илијев истакна дека неодамна дошол до сознание дека во 2017 година започнала постапка за изградба на мала хидроцентрала на Мала Река, во близина на водопадот над Гратче. Побарал од Министерството за животна средина и просторно планирање преиспитување на одлуката и образложение за евентуалните негативни влијанија врз животната средина, но и да запрат активностите додека не пристигне одговорот со мислењето.

За проблемите предизвикани од невремето и надојдените атмосферски води, најави дека Општината веќе подготвува соодветни градежни интервенции на терен што ќе спречат поплавување, но и мешање на атмосферската со фекалната вода што придонес за оптоварување на Пречистителната станица.

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial