Советот на Општина Кочани ја одржа 51. седница


Советот на Општина Кочани денеска, во салата на Мултикултурниот центар ја одржа 51. редовна седница, на која донесе одлука вредноста на бодот за платите на државните службеници за 2021 година да остане како и во 2020 година.

Според раководните служби од Секторот за финансии во Општина Кочани, ваквиот предлог е резултат на запазување на законската обврска за извршување на буџетот.

– Владата сѐ уште нема донесено одлука за вредноста на бодот на државните службеници, па со цел да ја запазиме законската обврска за извршување на Буџетот, предлагаме да се оди со вредност на бодот којшто важеше и во 2020 година. Доколку во меѓувреме има измени што ќе произлезат од Владата, и ние ќе пристапиме кон измена на одлуката – образложи Дејан Рашков, раководител на Секторот за финансии.

Ваквата одлука нема да донесе финансиски импликации бидејќи таа ќе се применува за исплата на плати за месец јануари, којашто ќе се изврши во февруари.

Седницата се одржа со придржување кон мерките за заштита од ширење на болеста Ковид-19.

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial