Советот на Општина Кочани ја одржа 56. редовна седница


Советот на Општина Кочани на редовната 56. седница го усвои извештајот за извршување на Буџетот на Општина Кочани за првиот квартал од тековната година.

Според податоците на раководните служби од Секторот за финансии, извршувањето во овој период е со 24,5 % или на ниво на полугодие. Од историски најголемиот буџет на Општина Кочани, капиталните инвестиции се реализирани со две третини или за 21 милион повеќе од лани, а динамиката на реализација се движи со планираното темпо.

Беше констатирано дека за овој квартал Општина Кочани има рекордно извршување на буџетот и во проценти и во апсолутни бројки.
Во врска со оваа точка, членови на Советот констатираа дека солидната реализација на буџетот ѝ дава можност на Општината покрај инфраструктурните проекти, да се фокусира на други развојни можности.


Советот едногласно ја усвои пренамената на 4.445.000 денари од реконструкцијата на улицата „Стево Теодосиевски“ во програмите за уредување и располагање со градежно земјиште. Од вкупната сума, 2 милиона денари ќе бидат наменети за експропријација, а останатите за реализација на инфраструктуни проекти.

Советот детално го разгледуваше Извештајот за работата на КЈП „Водовод“, при што советникот Венко Крстевски предложи неколку мерки за рационализација и контрола на мерењето на потрошената вода, со поставување мерни шахти, ажурирање на податоците и контролирана употреба на водата од јавните чешми.

Членовите не ја усвоија информацијата од ОВР за безбедносната состојба во Кочани во последните два месеца.

Советот даде согласност примената донација од преносливи комплутери од НЛБ Банка да биде распределена така што по два компјутера да добијат одлични и примерни ученици во социјален ризик од средните и по еден од основните кочански училишта.

Фото: А. Арсов

Сподели: