Сообраќајната полиција „мува не ја лази“ за дивеењето на Градскиот плоштад

Само ден откако претставници од Општина Кочани, МВР ОВР ПС Кочани и Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот релизираа превентивно-едукативна активност под мотото „И јас и ти – сите сме пешаци“, на Градскиот плоштад од непочитување на сообраќајните прописи како колатерална штета од судир на две возила, со тешки телесни повреди како пешаци настрадаа мајка и ќерка.

Медиумите и граѓаните постојано реагираат за безбедноста на учесници во сообраќајот на Градскиот плоштад, но очигледно реакциите не стигнуваат до надлежните органи.

Се возат нерегистрирани возила без регистарски ознаки, не се почитува брзината и прединството на минување на крстосниците, се узурпираат пешачките премини и тротоарите како паркинзи за возила. Плоштадот врие од диви таксисти и буквално е вистински див сообраќаен запад.

Сообраќајната полиција која е надлежна да го стави редот во сообраќајот воопшто не е присутна на терен, особено не на критичните локации во градот, реагираат граѓани на социјалните мрежи. На Градскиот плоштад деноноќно поединци го реметат мирот и безбедноста на пешаците и жителите во околните куќи и згради, стартуваат со возилата, дивеат и возат со голема брзина. Повеќегодишен проблем кој не успеаа да го решат или да се обидат да го решат неколку локални власти и раководства на полицијата. Ништо поразлична не е ни ситуацијата во центарот на Кочани кај Трговскиот центар. Во вечерните часови несовесни возачи дивеат низ централните улици и ја нарушуваат безбедноста на пешаците кои секоја вечер во поголем број се на шеталиштето покрај Кочанска река и сето тоа останува незабележано од органите на редот и мирот.

Токму отсуството на полицијата на Градскиот плоштад и толерантноста кон поединци и групи доведе вчера да настрадаат две млади лица.

Граѓаните бараат од надлежните – зголемено присуство на полицијата на Градскиот плоштад, опоменување и казнување и нулта толеранција на прекршителите на сообраќајните правила. Воедно, побараа и итна седница на Општинскиот Совет за безбедност на сообраќајот на патиштата за преземање на конкретни мерки за зголемување на безбедноста на сообраќајот не само на Градскиот плоштад туку во целиот град.

И. Матеничарски

Сподели: