Целосно уништено е сферното огледало што пред неколу месеци беше поставено на крстосницата во „Стришани“.
Иако ставено за поголема прегледност и безбедност во сообраќајот, по се изгледа на возачите им претставува повеќе проблем одколку решение. Во период од еден месец на крстосницата во „Стришани“ се случија две сообраќајни незгоди, а последната е од петокот, кога при судир на два автомобила, покрај причинетата материјална штета на возилата, настрада и огледалото.
На истата крстосница од пред некоја седмица за време на полицискиот час, автомобил удри во полициско возило, кое вршејки редовна обиколка на улиците во градот, се најде на патот на несовесен возач.
„Стришани“ е фреквентно место каде вкрстуваат повеќе улици. Поради ова, во проектот за изградба на булеварско решение на улицата „Стево Теодосиевски“, планирана е изградба на кружен тек, со што ќе се зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
И.Матеничарски
Фото: А.Арсов